ПЕТ ПРЕДЛОЗИ ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА НОВАТА КОНЦЕПЦИЈА ЗА ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕ

ПЕТ ПРЕДЛОЗИ ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА НОВАТА КОНЦЕПЦИЈА ЗА ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕ

Пишува: Влатко Секулоски, наставник во основно образование

Си ветив дека слободното време од зимскиот распуст ќе го искористам за подетално да се запознаам со новата концепција за основно образование и дека моите забелешки и предлози за дополнување ќе ги испратам во утврдениот рок, до 20 јануари, на адресата наведена од МОН koncepcija@mon.gov.mk. Се надевам дека истовремено и повеќе колеги ќе испратат конструктивни предлози за измени и дополнувања на Концепцијата. Сепак, моите забелешки се пред се’ насочени кон она што не можев да го најдам во Новата концепција, а во исто време значат помалку стрес предизвикан од нагли промени.

Менторирање на наставниците

(Не е спомнато) Често се спомнуваат меѓународните рангирања како ПИСА, но тоа што поретко се спомнува е дека сите земји од врвот на листата имаат систем кој предвидува екстензивен процес на менторирање на почетниците т.е. наставниците приправници. Сегашната рамка за менторирање предвидува ментор кој има своја програма и врши посета на часовите на приправникот и обратно, до триесетина средби во текот на годината. Тоа е во ред, но бројот на меѓусебни посети е ограничен затоа што и менторот и приправникот имаат свој распоред кој е приоритетен во однос на менторскиот процес. Дали не е подобро приправникот да го посетува секој час на „наставник ментор“, на пример, шест месеци пред полагање на стручниот испит?

Постапката за одобрување учебници

(стр.6, „неквалитетни учебници“) Постапката на одобрување учебници не е сменета со децении, тоа е процес над кој државата има цврста контрола и во кој не владее конкуренција. Прво, Бирото за развој на образованието (БРО) треба да ја утврди потребата од учебник и да изготви програма, па да достави барање до Педагошката служба во рамките на МОН, која објавува конкурс при што во рок од еден месец авторот треба да поднесе нацрт верзија од учебникот. Значи, ако еден автор оваа година напише учебник, тој треба да го чека фамозниот конкурс три, пет, десет години. Очигледно е зошто има само по еден одобрен учебник по предмет.

Зошто не може напишан учебник да биде веднаш разгледан за одобрување, посебно ако авторот е спремен да ги сноси трошоците за комисијата за одобрување?

Кој е надлежен да постави критериуми за печатење на учебник, за да траат подолго?

Стандардно опремена училница

(Стр.6, „слаба опребеност на училиштата со наставни ресурси) Кога и како се врши набавка на нагледни средства, кој и колку финансиски средства треба да одвои на годишно ниво, кој проверува дали има доволно нагледни средства, од што ќе се води проверката? Колку што знам, претходно наведените прашања не се дефинирани со ниту еден законски и подзаконски акт, но констатацијата во Концепцијата е точна. Ајде да претпоставиме дека со еден подзаконски акт се регулирани нагледните средства што треба да ги има една училница по одделенска настава или еден кабинет по „природни науки“. Да претпоставиме дека просветните инспектори, освен просветните работници, ги инспекторираат и другите чинители на образовниот процес, па со една чек листа проверуваат дали секој наставник има еден стандарден сет на наставни помагала.

Еразмус+ и еТвининг во секое училиште

(стр.22 „Како посебен вид воннаставни активности може да се сметаат…“) Новата концепција ќе резултира со нов закон, а од него ќе произлезат задолженија. Сепак од закон не произлегува мотивација, ниту примери на добра пракса. За среќа, за тоа постојат еТвининг и Еразмус+. За придобивките од од еТвининг и Еразмус+ може да се напишат неколку страни, нема да се задржам на тоа. Жално е што Концепцијата не предвидува начини, ниту стимулации што ќе ја зголемат употребата на овие програми.

Капитални инвестиции

Колкава е искористеноста на капиталните инвестиции и зошто? Колкав процент од директорите успеале во своето училиште да донесат од средствата што МОН ги предвидува за капитални инвестиции, во било кој пресек на години и зошто? Дали се потребни измени во системот за пристап до средства за капитални инвестиции? За жал, доминацијата на сензационалистичкото новинарство значи дека овие и слични прашања никогаш не биле поставени до МОН. Според тоа што сум го слушал од други, пристапот до средства од капитални инвестиции е исклучително тежок, а освен тоа и распределбата е крајно нерамномерна. Најчести корисници се големи урбани училишта, на малите рурални училишта со помали капацитети пристапот им е тежок, па тие се најруинирани, со дограма постара по 30 години. Дали во такви услови може да станува збор за модерно образование?

Некои од наведените области можеби излегуваат од рамките на Концепцијата, сепак се поврзани со модернизација и подобрување на квалитетот на образованието. Се трудев да бидам краток, јасен и конструктивен. Предлозите ќе ги испратам до МОН, а ќе ги објавам и јавно, како тема за дебата, со надеж дека барем дел од нив ќе бидат земени предвид од надлежните.

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Нашата борба за европска Македонија продолжува, никогаш нема да се откажеме од европската иднина

Ковачевски: Нашата борба за европска Македонија продолжува, никогаш нема да се откажеме од европската иднина

Денес е тежок удар за европската перспектива, но, се уште не е доцна да се …