Петре имаше право: Македонија е едно големо буниште!

Петре имаше право: Македонија е едно големо буниште!

Пишува: Зоран Милошески

ВМРО? ВМРО-ДПМНЕ? Деструктивноста им е во кодот. Предавствата. Убиствата. Братоубиствата. Од фашистот Ванчо Михајлов, терористот Владо Черноземски, колачот Ќосето, до замаскираните крвници од најново време.

Впрочем, зборовите на Јон Мегленоски, покрај Велика Мегленоска главниот лик од безвременскиот роман на Петре М. Андреевски „Пиреј“ (чие дејство се одвива во време на Балканските војни, Првата светска војна и поствоениот период), највпечатливо ја отсликуваат сета суровост и бездушност во дејствувањето на „Комитетот“:

„Ќе прати писменце Комитетот: тој и тој да го снема. И ќе го снема. Ќе го земат двајца во некое долиште и ќе го заколат. После ќе дојде писменце за тој што колел: тој и тој да го стемне, да не го раздени. И не ќе го раздени.“   

Ете така се бореле за Македонија „големите Македонци“ – леејќи ја крвта на своите сонародници и газејќи преку нивните лешови.

Ништо значајно не се сменило во начинот на размислување и функционирање на актуелните идеолози и креатори на политиките на ДПМНЕ, оние кои себеси се прогласија за наследници на историското ВМРО. Прислушуваните разговори само го обелоденија и го потврдија она коешто домашната јавност го шепотеше: дека методите на “борба“ на квазипатриотското злосторничко здружение се слични, само што камата и пиштолот за пресметка со неистомислениците ги заменија со пософистицирани средства.

Затоа е премногу наивно, безмалку малоумно, да се очекува дека после евентуалната промена на власта, Мицко и неговото друштво ќе понудат и ќе постигнат подобар Договор со Бугарија од актуелниот. Договор, кој истовремено ќе гарантира кревање на рампата од страна на источниот сосед и отстранување на последната пречка за влез на нашата земја во ЕУ.

Ваквите најави се премногу несериозни за да некој, особено меѓународната заедница, воопшто ги земе предвид. Отсуството на искрена желба и државнички капацитет на оваа дружина да направи нешто добро за граѓаните, е непобитен факт препознаен кај секој релевантен домашен и странски фактор. Ако на тоа се надоврзат и срамежливите најави за ревидирање, односно поништување на Преспанскиот договор и бришење на „Северна“ од уставното име на државата, тогаш не постои никаква дилема за тешкиот дилетантизам или провидниот пропагандизам кај челниците на ВМРО-ДПМНЕ.

Оти, сето ова е веќе чуено и видено од нив. Точно е дека сме народ со кратко памтење, ама не до толку за да ги заборавиме помпезните ветување за поништување на Законот за територијална поделба, произлезен од одржаниот Референдум за територијална организација на Република Македонија, одржан во 2004 година.

Само две години подоцна, ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски се вселија во зградата на „Илинденска“ и таму останаа цели 11 години. За тоа време, не само што не ја вратија старата територијална организација, туку тоа прашање никогаш не им падна на памет. Општините Струга, Гостивар, Тетово, Чашка, Долнени и Град Скопје продолжија да функционираат во новите територијални граници, а коалицијата на ДПМНЕ и ДУИ се претвори во холивудска филмска “љубовна“ приказна со 9-годишен век на траење.

Власта е минлива и менлива категорија. За секое демократско општество, промените на политичката сцена се нормални и посакувани процеси.

Од тие причини, нема да биде трагедија ако актуелната владејачка структура замине во опозиција. Страшно ќе биде ако ДПМНЕ се врати на власт… со истата криминална матрица, со истите бандити од времето на груевизмот.

Ако тоа сепак се случи, тогаш најголемиот виновник ќе биде – СДСМ.

Како по обичај, Петре (М. Андреевски) беше во право: Македонија навистина е само едно големо буниште!

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Македонија со раст на индексот на слобода на медиуми, чекориме по патот на демократските и европски вредности

Ковачевски: Македонија со раст на индексот на слобода на медиуми, чекориме по патот на демократските и европски вредности

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска упати честитка до медиумите и медиумските работници по повод …