Петровска: Целта на хибридните напади е да предизвикаат паѓање на про-западните влади

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во емисијата Клик Плус на ТВ21 вчера зборувајќи за кибер-заканите и дојавите за поставени бомби во институциите истакна дека целта на овие хибридни закани, е да се предизвика пореметување на мирот и стабилноста на Балканот и да се внесе несигурност, страв и паника кај населението.

„Најчесто целта на хибридните војни и кибер нападите како составен дел, е пореметување на општественото живеење, што впрочем се случува и очигледно е како сè повеќе кога се создава незадоволство во едно општество, се надополнува со незадоволство во некоја друга сфера, а најчесто целта е да се предизвика паѓање на владите кои се западно ориентирани“, порача министерката за одбрана.

Сепак, таа уверува дека според разузнавачките информации и размената на информации помеѓу институциите, но и партнерските служби, земјава не е изложена на директна закана по безбедноста.

Петровска посочи дека е потребно институциите да вложуваат во човечкиот потенцијал, и да вложуваат финансиски средства за унапредување на капацитетите на институциите во делот на кибер одбраната.

„Секој предизвик со кој се соочуваме практично е тест за подготвеноста на институциите. Сериозно треба да се инвестира во унапредувањето на капацитетите во институциите, Министерството за одбрана го давам како позитивен пример, но и многу други институции каде навистина се прават исчекори во градењето на тие капацитети“, подвлече Петровска.

Прочитајте повеќе

(ВИДЕО) Ковачевски: Добро е што опозицијата не е против уставни измени, нам ни треба обединета Влада за европска интеграција, не за изолација

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денеска имаше средба со претседателот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан …