Жестока вербална пресметка меѓу САД и Русија за дронот

Жестока вербална пресметка меѓу САД и Русија за дронот

Русија негира дека нејзините борбени авиони имале контакт со американски дрон над Црно Море и предизвикале негов пад. Москва зборува за „смислена провокација од страна на САД“.

Соборувањето на американски извиднички дрон над Црното Море дополнително ги заостри веќе затегнатите односи поради војната во Украина меѓу Вашингтон и Москва.

Американската влада ја обвини Русија за соборувањето на американски дрон и го повика на разговор рускиот амбасадор во Вашингтон, додека Москва отфрли секаква вина за падот на дронот од типот „МКју-9 Рипер”.

Американската војска соопшти дека дронот во вторникот утрото се наоѓал на рутински извидувачки лет во меѓународен воздушен простор кога бил пресретнат на „опасен и непрофесионален начин“ од два руски воени авиони од типот Су-27. Борбените авиони прво истуриле гориво врз дронот, по што едниот го допрел пропелерот на дронот, предизвикувајќи негово оштетување до степен да не биде способен за летање и неможност да биде контролиран, па американската војска го соборила, како што објасни генералот на американската авијација, Џејмс Хекер.

Портпаролот на Пентагон, Пет Рајдер изјави дека руските борбени авиони летале покрај американскиот дрон 30 до 40 минути пред инцидентот, а едниот од нив, по колизијата со пропелерот на дронот, веројатно исто така бил оштетен, но успеал да слета на непознато место.

Руски воен авион од типот Су-27
Руски воен авион од типот Су-27 пресретнал американски дрон над Црно Море

Повикувајќи го на разговор рускиот амбасадор во Вашингтон, Министерството за надворешни работи изразува „силен приговор на САД против ваквото опасно и непрофесионално пресретнување“ на дронот, изјави портпаролот на Министерството, Нед Прајс.

Руското Министерство за одбрана пак негира дека руските воени авиони предизвикале пад на дронот, иако признава дека го пресретнале, но без притоа да дојде до контакт и употреба на нивното оружје.

Американскиот дрон, по нагол маневар, преминал во неконтролиран лет со губење во височина и при падот удрил на површината на водата, гласи објаснувањето на Москва. Дронот бил откриен во „зоната на Кримскиот Полуостров,“ анектиран од Русија, и летал во правец на руската граница, тврди Москва.

Наводите на Русија се веднаш демантирани од страна на портпаролот на Националниот совет за безбедност на САД, Џон Кирби. Во изјава на Си-Ен-Ен, тој соопшти дека се преземени мерки за дронот да биде изваден од водата и да не падне во други раце.

Дипломати од НАТО во Брисел не очекуваат инцидентот да доведе до ескалација. Западен воен претставник за агенцијата АФП изјавил дека дипломатските канали меѓу Русија и САД се очекува да помогнат за смирување на ситуацијата.

Покрај Украина, против која Русија води војна, на Црното Море се наоѓа и Полуостровот Крим. САД веќе одамна вршат извидувачки летови над Црното Море и ги надгледуваат единиците на руската морнарица. Пентагон тврди дека последниот инцидент следува по серија случаи во кои руски борбени авиони пресретнуваат американски летала, но вообичаено тоа значи само паралелен лет во одреден временски период и евентуално принудување за менување на правецот на лет.

Прочитајте повеќе

Трамп пред суд: Прв кривичен процес против екс-претседател

Трамп пред суд: Прв кривичен процес против екс-претседател

За првпат во американската историја денеска почнува кривичен судски процес против еден поранешен американски претседател. …