Петровска: Судот треба да ја преиспита одлуката за осомничените за упадот во М-НАВ

Петровска: Судот треба да ја преиспита одлуката за осомничените за упадот во М-НАВ

Мислам дека Судот треба да ја преиспита одлуката, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска, во врска со мерките кои Кривичниот суд ги изрече за осомничените за инцидентот во М-НАВ.

Запрашана како ја коментира одлуката на судот, Петровска рече дека лично таа не се сложува со неа.

„И мислам дека ќе треба да си ја преиспитаат одлуката, не сакам да влијаам на одлуките од позиција на министер за одбрана, но мислам дека целата оваа ситуација треба посериозно да ја сфатат, ќе имаат дополнително време“, изјави Петровска.

За упадот во просториите на М-НАВ, Основното јавно обвинителство отвори истрага против осум лица, меѓу кои и Беким Незири, поранешен министер, советник на директорот на М-НАВ и претседател на огранок на ДУИ. Од Обвинителството побараа мерки притвор за 8 лица поради упадот во зградата на М-НАВ (по четворица се уште се трага), тврдејќи дека е сторено кривично дело, но според Кривичниот суд, не постојат доволно елементи за оваа квалификација, па осомничените добија само мерки за претпазливост.

Што се однесува на реакциите од страна на НАТО, Петровска потврди дека од таму биле поставувани прашања за тоа што се случува, но дека официјална реакција барем до МО, како што рече, засега нема.

„Но, секој вид комуникација ние го сметаме, се разбира, можеби не како загриженост, но заинтересираност за она што се случува и тоа е сосема легитимно. Во тој момент на тој ден на аеродромот во Скопје слетаа два авиона од земји членки на НАТО“, информира Петровска.

Таа потенцираше дека во ниту една институција на државата, особено не во институциите што се дел од критичната инфраструктура во државата, како што е М-НАВ, ваков тип на инцидент е недозволив.

Владата, како што рече, го завршила својот дел од задачата, односно ги разрешила директорите за кои смета дека недоволно добро управувале со институцијата. Таа упати апел до политичките партии и движењата да не влијаат и да не ги злоупотребуваат синдикатите за остварување на политички цели.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

5 заклучоци за неочекуваните резултати од изборите

5 заклучоци за неочекуваните резултати од изборите

По првиот круг јасно е дека Македонија е земја на национализмот, негуван како дива орхидеја. …