По краткиот бунт на Евгениј Пригожин и неговите „Вагнеровци“, Путин е ослабен. „Царот е гол“ – повеќето меѓународни аналитичари се согласуваат околу тој најмал заеднички именител за настаните во Русија. Сепак, тешко е да се проценат последиците од бунтот на приватната војска на Пригожин.
„Најважното нешто што може да се утврди е дека Владимир Путин очигледно го загуби својот авторитет“, оценува за ДВ германскиот експерт за Русија, Фабијан Буркхард. Меѓутоа, кој победи во руската структура на моќ дури сега се утврдува. „Многу актери во Русија веројатно беа изненадени од оваа ситуација“, потсетува Буркхард, кој спроведува истражувања во Институтот за источна и југоисточна Европа Лајбниц во Регенсбург.
Почеток на колапсот на моќта на Путин?
„За мене ова е почеток на колапсот на системот“, вели во интервјуто за радио Дојчландфунк Ирина Шербакова, соосновач на организацијата за човекови права „Меморијал“, која сега е забранета во Русија.
Тимоти Снајдер, американски историчар и професор на универзитетот Јејл, во првата анализа посочува: „Немаше никој во ниту еден руски град кој спонтано изрази лична поддршка за Путин или дури презеде личен ризик за неговиот режим“.
Маршот на Пригожин кон Москва му покажа на народот на Русија и на целиот свет „дека мала група војници“ може релативно лесно да стигне до Москва, Снајдер го опишува губењето на контролата на Путин. „Ова не беше случај пред поголемиот дел од руските вооружени сили да бидат распоредени во Украина“ – а тоа се единици кои повеќе не се на располагање во Русија“.
На Путин му недостасуваат војници во земјата
Според таа логика, со својата нелегална агресорска војна во Украина, Путин самиот си ја одзеде неограничената моќ во Русија, бидејќи ми се истенчи воената база на моќ во неговата земја. Но, дали недамнешните настани во Русија навистина се политичка „точка на кулминација“ за Путин, односно почеток на крајот на неговото владеење?
Така барем верува Шчербакова, која живее во егзил во Берлин. Сепак, вели, „не знаеме уште колку тоа ќе потрае“.
За Тимоти Снајдер, она што тој го доживува како „апатија“ во Русија „сугерира дека повеќето Руси во моментов едноставно претпоставуваат дека со нив владее гангстер со најмногу оружје. Тие продолжуваат со нивниот секојдневен живот — кој и да е тој гангстер.“ Сепак, историчарот од Јејл е уверен: „Ако го притиснат во ќош, Путин ќе се спаси“.
„Војните завршуваат со внатрешен притисок на напаѓачот“
Тоа го свртува вниманието кон борбите во јужна и во источна Украина и кон прашањето: дали Путин би можел повторно да ја ескалира војната таму за да ја консолидира својата база на моќ во Кремљ? Или бунтот на „Вагнер“ нешто подоцна ќе се покаже како почеток на крајот на војната?
Војните генерално завршуваат „кога ќе се почувствува притисок во рамките на политичкиот систем“, смета Снајдер. Со оглед на тоа дека има повеќе од 50 нации предводени од САД кои ја поддржуваат Украина, Снајдер вели: „Оние кои сакаат оваа војна да заврши треба да им помогнат на Украинците да го извршат тој притисок“.
Засега не е јасно дали украинската армија на фронтот може да ги искористи случувањата во Русија. Пред сè, дали тие навистина ја ослабнаа борбената ефикасност на руските вооружени сили.
Германскиот експерт за безбедност Нико Ланге за ДВ вели дека е тешко да се процени што всушност слушнале руските војници во Украина за бунтот. „Им ги одземаат мобилните телефони и тие се многу отсечени од реалноста“, вели експертот за Украина и за Русија, кој работи и за Минхенската безбедносна конференција.
Немир меѓу руските команданти во Украина
Ланге оценува дека немирот меѓу руските команданти се зголемил. Покрај тоа, на фронтот првично ќе му недостасува тврдото јадро на трупите на Пригожин. Во моментов, сè уште не е јасно колку брзо и дали воопшто 25.000 војници на „Вагнер“ може да се интегрираат во редовната руска армија.
Трупите на „Вагнер“ ја окупираа јужната команда на руската војска во Ростов на Дон. Таа метропола е една од невралгичните точки за снабдување на руските вооружени сили на таканаречениот копнен коридор меѓу Русија и Крим, кој беше окупиран од војската на Путин. Вториот е Кримскиот мост преку Керчкиот теснец.
Прекинувањето на тие патишта за снабдување е една од воените цели на украинската армија во тековната контраофанзива. Затоа што, без залихи на муниција и на гориво, руската одбрана би пропаднала. Путин не може да си го дозволи тоа без да западне во неволја во Украина. Шефот на „Вагнер“ Пригожин го искористи ова со неговиот обид за државен удар.
Спорот меѓу Пригожин и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу траеше со месеци. Шефот Вагнер постојано ја обвинуваше руската армија дека недоволно ги снабдува неговите луѓе, дури и за време на месеците на борбите за Бахмут. Затоа окупацијата на руската јужна команда во Ростов беше консеквентна – што можеби му помогна на Пригожин да го издејствува за себе најдобриот можен договор со Кремљ, веднаш штом стана јасно дека никој друг од структурата на моќ на Путин нема да му се придружи во бунтот.
Извор: DW