Пред протестот в четврток, тешки зборови на епископот Јаков кон невладините организации

Пред протестот в четврток, тешки зборови на епископот Јаков кон невладините организации

Иако повика на мирен протест во четврток и се огради од злоупотреба на протестот за други цели, од говор на омраза и од скандирање, епископот Јаков не пропушти да порача дека црквата била мета на прогон и линч, а со промени на тези агресорот сакал да се прогласи за жртва

„Агресорот се претставува како жртва“, „невладините организации се платени под плаштот на борба за човекови права за да го оковаат во своевиден тоталитаризам нашето општество“,„диктатура на сметка на остварување на нечие право“.

Тешки зборови и опасна терминологија со замена на тези на денешната прес-конференција упати епископот Јаков Стобиски во однос на протестот што го организира Македонската православна црква – Охридска Архиепископија за во четврток.

Иако повика на мирен протест в четврток и се огради од злоупотреба на протестот за други цели, од говор на омраза и од скандирање, епископот Јаков не пропушти да порача дека црквата била мета на прогон и линч, а со промени на тези агресорот сакал да се прогласи за жртва. Тој исто така обвини дека невладини организации, платени под плаштот на борба за човекови права, сакаат да го оковаат во своевиден „тоталитаризам“ нашето општество.

„Овој собир не е насочен против никого, туку е насочен исклучиво против содржината на овие предлог закони. Ние образложивме во повеќе наврати и во самото соопштение експлицитно изразуваме протест против новиот контекст што му се дава на поимот род, против родовата компонента коешто е застапена во предлог-законот за родовата еднаквост“, изјави епископот стобиски Јаков.

Тој ги повика верниците за присуство на протестот, додавајќи дека црквата има систем на вредности кој е апсолутно спротивен од она што се обидува да се понуди во двата предлог закони – Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција што треба да се најдат на разгледување пред пратениците во Собранието на РСМ.

„Ние како црква се оградуваме однапред од било каква злоупотреба во некакви свои цели на овој протест“, рече тој, додавајќи дека тој е насочен исклучиво против двата закони и додаде дека не поддржува говор на омраза и повикува на мирни протести.

Епископот рече дека реализацијата на овие закони ќе допринесе за сериозно загрозување на правата на мнозинството, на 99 проценти од државата.

„Тоа е диктатура на сметка на остварување на нечие право“, рече тој.

Епископот Јаков не пропушти да додаде дека нашето општество и верските заедници биле едни од најтолерантните кон ЛГБТИ заедницата, додавајќи дека на парадирањата што тие ги правеле се појавувале едни исти луѓе. Тој додаде дека парадите се злоупотребуваат за да се испратат пораки на омраза кон верските заедници.

Денешната прес-конференција на епископот Јаков доаѓа откако Македонската православна црква – Охридска Архиепископија деновиве упати повик до своите верници да учествуваат на најавениот протест во четврток.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека токму епископот Јаков извршил дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет во областа на јавното информирање и медиуми.

Како што информираа од Коалицијата Маргини, епископот Јаков Стобиски сега треба јавно да се извини во рок од 30 дена, а во спротивно Комисијата ќе поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци.

Ваквото мислење на антидискриминаторската комисија следи по јавните настапи на Јаков во изминатиов период, меѓу кои гостувањето на емисијата „Детектор“ на Сител телевизија и јавната трибина во Струмица, на која Јаков Стобиски изразил мислења, ставови и идеи кои се понижувачки, навредливи и деградирачки кон трансродовите лица и кои ја охрабруваат дискриминацијата и омразата кон ЛГБТИ луѓето.

Во образложението на мислењето стои дека предвид е земен „фактот што Јаков Стобиски е свештено лице, кое може да влијае на јавноста со своите ставови и авторитети, поради што има дополнителна одговорност да не поттикнува дискриминација и да не повредува нечие достоинство со неговите изјави и ставови“.

ЕПИСКОПОТ СТОБИСКИ ДА СЕ ИЗВИНИ ЗА ВОЗНЕМИРУВАЊЕ ВРЗ ОСНОВА НА СЕКСУАЛНА ОРИЕНТАЦИЈА ИЛИ СЛЕДУВА ПРЕКРШОЧНА ПОСТАПКА

Инаку, директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу пред неколку дена предупреди дека земјава ќе биде мета на дезинформациска пропаганда за уставните измени, црковното прашање и изборите во 2024 година. Тој додаде дека во земјава во моментов се одвива класична операција на рефлексивна контрола преку дезинформациска кампања поврзана со процесот на прифаќање на Македонската Православна Црква Охридска Архиепископија.

Прочитајте повеќе

цук пожари

Во изминатото деноноќие регистрирани 22 пожари на отворено, осум сè уште се активни

Вкупно 22 пожари на отворено биле евидентирани во последното деноноќие, а од нив утрово се …