публикум

Почеток…

Зоран Милошески
Зоран Милошески

Почитувани,

Борбата за слобода на говорот е процес кој трае. Идентично како и слободата, ниту таа не се освојува еднаш засекогаш. Напротив.

Според член 19 од Универзалната декларација за човекови права, правото на слобода на говорот е признаено како основно човеково право, чија улога во остварувањето и заштитата на другите права е од суштинско значење. Европската конвенција за човековите права и слободи, пак, вели дека секој човек има право на слобода на изразување. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите.

Можноста за изразување и споделување на информацијата е еден од вредносните показатели за демократскиот капацитет на едно општество. Во тој контекст, правото на јавноста да располага со информации кои се од јавно значење им дава посебна функција и важност на медиумите. Бидејќи освен информативниот карактер, медиумите истовремено се коректив на политиките и на власта и на опозицијата. На овие првите, особено.

Долги години наназад, состојбите во медиумската сфера не се ни малку розови. Извештаите на реномираните странски организации кои се занимаваат со слободата на медиумите, како што се „Репортери без граници“ и „Freedom House“, покажуваат дека по ова прашање Македонија се наоѓа во „слободен пад“. Влијанието на Владата врз медиумите, односно нивното корумпирање со државни пари, како и бројните тужби за клевети кои против новинарите од независните медиуми ги поднесуваа(т) високи државни и партиски функционери од владејачкото мнозинство, се главната причина за негативната слика на македонското новинарство.

Сите погоре нотирани забелешки беа и повеќе од доволна причина за појавување на порталот „Публикум“, кој е дел од проектот на Здружението за развој на демократијата и слобода на говорот „ПУБЛИКУМ МЕДИА“.

„ПУБЛИКУМ МЕДИА“ е непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани чија цел е унапредување на граѓанското општество и локалните заедници, поттикнување на моралните вредности и зајакнување на меѓуетничките односи. Здружението има Програма во чии рамки ги вклопува своите активности како што се организирање на конференции, семинари, обуки, поттикнување на иницијативи кај надлежни институции, медијација, како и други активности предвидени со Статутот.

Главната интенција во уредувачката политика на „Публикум“ ќе биде критичкиот но објективен пристап во „вивисекцијата“ на општествените состојби во нашата држава, со посебен осврт на актуелните политички настани.

Преку истражувачки стории, анализи, вести од тековни настани, колумни на политичари, експерти и граѓански активисти, интервјуа, преку изнесување ставови на различни политички субјекти но и преку отстапување простор за Вас, читателите на нашиот портал, ќе се обидеме да дојдеме до вистината и на тој начин заедно да придонесеме за побрз развој и демократизацијата на Република Македонија.

За „Публикум“, вистината секогаш ќе биде на прво место!

Зоран Милошески,

Раководител на проектот

Прочитајте повеќе

Венко Филипче

Филипче: Овозможивме слободни и независни медиуми и сме први во регионот

Позитивните политики и пристап на СДСМ кон медиумите, се потврдија со тоа што Северна Македонија …