РЕТРО: СО ГРУЈО НА СЛОБОДА ИЗБОРИ НЕ БИВААТ

РЕТРО: СО ГРУЈО НА СЛОБОДА ИЗБОРИ НЕ БИВААТ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години

Неопходен е надзор на родител или старател

Трагедијата која ги погоди жителите на Стајковци и околните населени места, на најдобар можен начин ја прикажа сета мизерија на нашето живеење. Не нѐ бива како држава, уште помалку нѐ бива како граѓани на држава која, наводно, има амбиции да стане дел од големото европско семејство на народите.

Како држава не умееме да обезбедиме мирен, безбеден и достоинствен живот за граѓаните кои сѐ уште не ѝ кажале „збогум“ на родната грутка. Како жители, пак, на оваа каква-таква-никаква држава, не знаеме да разграничиме добро од зло, искреност од лицемерие, политичари од политиканти, мизантропи од филантропи. И ако веќе е така, а така е, тогаш се поставува прашањето дали сме заслужиле подобар живот, или по не знам кој пат ќе треба да признаеме дека професорот Марјановиќ беше во право кога рече дека секој народ има власт каква што заслужува?

А власта во Македонија е Бог да чува! Збирштина од „второлигашки“ (квази)политичари обединети во злосторничко здружување со една цел: полнење на сопствениот џеб по секоја цена! И кога тоа трае една деценија, тогаш е јасно дека цената е превисока. Никој не знае точно колку, процените се движат од 4 до 6 милијарди евра, пари кои владејачката мафија ги потрошила за изборни манипулации и корупција на гласачите, изградба на нефункционални проекти од типот на пералницата „Скопје 2014“, а дел од нив префрлила на сопствените банкарски сметки во странски банки. Што ќе рече – ги украла!

„Еден ден сите пари ќе бидат потрошени“, рече „визионерот“ Груевски некаде на почетокот на својот мандат, кога „технократски“ ориентираниот Премиер најави инвестиции вредни 8 милијарди евра. Денес, кога главата на Фамилијата ретерираше од функцијата, можеме да кажеме дека бил половично во право: најавените странски пари не дојдоа, но затоа домашните се потрошија!

Да биде уште пострашно, не се потрошија само тие, тука низ ветер отидоа и други стотици и стотици милиони евра. Секој месец државата се задолжува со неброени пари за да го купи социјалниот мир. Социјалната помош ја зголемија за „фрапантни“ 80 денари, на пензионерите им овозможија бесплатно скијање, платите на административците ќе им ги покачат за 5% еден убав ден во 2017… И сето тоа кај народот поминува.

За целото тоа време, основоположникот на сите наши несреќи глуми лудило. Не пропуштајќи ја можноста да профитира дури и на туѓата несреќа, Грујо како паун се шета низ државата. Издава наредби преку ајфон, преслушува министри и градоначалници, ја координира акцијата за чистење на последиците на катастрофата… Кој му дал такво право? Не е ли тоа лажно претставување и преземање на ингеренции кои како на претседател на партија не му припаѓаат? Важат ли законите во државата подеднакво за сите? Еднакви ли сме сите пред законот, или е тој „поеднаков“ од нас?

Една работа ми е кристално чиста и јасна: сѐ додека оваа креатура слободно ја крстосува државата, додека домашни и странски банки го „пумпаат“ со дебели кредити со кои тој ќе го корумпира гласачкото тело и ќе ги плаќа куртонските медиуми, во Македонија не може да се организираат кредибилни избори. Едноставно, некој кој е олицетворение на злото и деструкцијата, никако не може да биде фактор на демократијата. Просто како грав.

Затоа, остварувањето на најавите на Катица Јанева дека во периодот што претстои значително ќе биде зголемена фреквенцијата на луѓе низ ходниците на СЈО, како и изјавата на портпаролката Ленче Ристоска дека секој кој го прекршил законот треба да одговара, макар и по цена да биде растресен целиот политички систем, делува оптимистички и освежувачки како тивок пролетен ветрец. После Катица и Ленче, за очекување е дека Фатиме Фетаи своето ќе го каже на првата следна прес-конференција.

А кога Фатиме нешто ќе каже – кажано е!

Автор:

Чеге Вара                           <Прилеп, ебаго!…….(128)>

Прочитајте повеќе

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години Неопходен е надзор на родител или …