Полска: Режимските медиуми натерале момче во смрт?

Синот на полска опозициска пратеничка бил жртва на сексуално злоставување. Режимските медиуми известуваа за случајот, објавувајќи го идентитетот на жртвата. Момчето изврши самоубиство, а низ земјата има бран огорчување.

Оваа среда (8. март) Миколај Филикс ќе наполнеше 16 години. На почетокот на март, неговата мајка, полската опозициска пратеничка Магдалена Филикс, преку Фејсбук објави дека нејзиниот син од 17. февруари не е веќе меѓу живите.

Таа кратка вест одекна како гром. Зашто, познавачите на политичката сцена веднаш се запрашаа – дали полските медиуми, контролирани од конзервативната власт, носат дел од одговорноста за смртта на момчето?

Првиот дел од неговата драма се одиграл во 2020. година. Во септември таа година во Шќеќин е уапсен покраински службеник од војводството Западна Померанија, зашто сексуално го злоставувал тогаш 13-годишниот Миколј Филикс, а на една 16-годишна девојка ѝ давал дрога.

Злосторникот една година подоцна е осуден на речиси пет години затвор. Процесот е воден зад затворени врати, поради заштита на малолетните жртви. Навистина, тогаш во медиумите не протекоа детали од случајот.

Јавноста веројатно сето тоа би го заборавила, да немало политички пикантни детали. Не само што жртва бил синот на пратеничката Магдалена Филикс од опозициската Граѓанска платформа, туку и извршителот и покраински началник доаѓаат од иста партија.

Магдалена Филикс  Граѓанска платформа, Полска
Пратеничката Магдалена Филикс од опозициската Граѓанска платформа, мајка на момчето кое се самоуби

Случај искористен за кампања

Магдалена Филикс (45) е главна противничка на десничарската коалиција која владее во Полска под водство на Јаролав Качински, лидер на партијата Право и правда. Филикс со години се ангажира на протестите за слобода на правосудството или против заострување на правото на абортус. Пратеник е од 2019. година.

Трагичната смрт на нејзиниот син дојде по распламтувањето на политичките судири пред парламентарните избори закажани за наесен. Така, во декември ланската година, Радио Шќеќин, јавен покраински радио сервис близок до режимот, повторно почнал да известува за случајот на сексуално насилство во војводството.

Главниот уредник на радиото, Томаш Дуклановски го претставил случајот како да е во прашање пресна вест, тврдејќи дека политичарите на Граѓанска платформа, кои го водат војводството, се обиделе да го заташкаат. Тој инсистирал и на тоа дека извршителот е активист на една ЛГБТ организација.

Во кампањата се вклучиле други режимски медиуми, како ТВП инфо и неделникот Газета Полска. Десничарски политичари и публицисти почнале кампања за оцрнување, а на мета се нашло главно семејството Филикс.

Во медиумите се појавиле информации кои овозможиле идентификување на малолетната жртва. Дуклановски напишал дека станува збор за „деца на една позната пратеничка“. На интернет кружеле фотографии од Магдалена Филикс. А потоа нејзиниот син си го одзел животот.

Доналд Туск Полска
Лидерот на полската опозициска Граѓанска платформа, Доналд Туск

„Зборовите можат да убијат“

Таквото известување на медиумите го дигна на нозе и Полскиот совет за печат. Критики изрече и шефот на државната комисија за испитување на злоупотреба на децата, Блажеј Кмичик. Ако извештаите во медиумите овозможуваат „за петнаесет секунди да се дознае идентитетот на злоставуваните деца“, тогаш таквата новинарска работа е „погрешна, неморална и недостојна“, изјави Кмичик.

„Сакаа да ме оцрнат мене и да ѝ нанесат болка на мајката. Наместо тоа предизвикаа смрт на едно дете“, рече Огрид Гебловиц, првиот човек на Западна Померанија и партиски другар на Магдалена Филикс.

Лидерот на Граѓанска платформа, Доналд Туск на Твитер напиша: „Ќе ја повикаме на одговорност Право и правда за секоја свинштина, секоја неправда и секоја трагедија. Тоа го ветувам.”

На денот на погребот (вторник, 7. март), Туск додаде дека медиумите го натераа Миколај Филикс во смрт.

„Зборовите можат да убијат“, истакна Бартош Вјелински, новинар од либералниот весник Газета виборча. На колегите кои известуваа на овој начин за случајот на злоставување им порача дека „не се новинари, туку претставници на пропагандниот апарат.“

Без оглед на бранот огорчување, Радио Шќеќин уште не презеде никакви конкретни чекори. Претседателот на управниот одбор најави соработка во испитувањето на случајот. Уредникот Дуклановски никому не му се јавува на телефон.

Државното обвинителство поведе истрага поради сомнеж за поттикнување на самоубиство. Но, не е кажано дали има конкретни осомничени или тоа е само рутинска проверка по самоубиство.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

По нападот во Москва: Која е ИСИС-К?

Што е познато за терористичката група која стои зад нападот во московската концертна сала? Џихадистите …