Украинските граѓани ќе се соочат со една од најстудените зими во изминативе децении, а веќе е сигурно дека системите за парно греење ќе се вклучат подоцна од вообичаеното и ќе се изгаснат порано од досега предвиденото во текот на грејната сезона, изјави директорот на украинската државна енергетска компанија „Нафтогаз“, Јуриј Витренко, пишува Гардијан.
Тој додава дека затоплувањето во домовите во претстојната грејна сезона ќе биде меѓу 17 и 18 Целзиусови степени, што е за околу 4 степени помалку од нормалното, при што Витренко ги советуваше луѓето да се снабдат со ќебиња и топла облека во периодот кога надворешните температури ќе паднат под -10 степени во зимскиот период.
Директорот на „Нафтогаз“ додава дека сето ова зависи од меѓународните сојузници, кои треба да ѝ обезбедат на Украина средства за да увезе 4 милијарди кубни метри природен гас. Воедно, во претстојната зима ќе треба Русија да се воздржи од напади на гасоводната инфраструктура во Украина или да го намалува протокот на гас кон Европа.
Без западната помош, вели Витренко, ќе ни недостасува гас што ќе значи гасење на снабдителните системи. Тој додава дека ќе има рестрикции во големи делови од Украина без увозот на природен гас од странство.
Инаку, Украина во моментов произведува околу 60 отсто од природниот гас што ѝ е неопходен на земјата, додека преостанатите количества ги увезување земјите-членки на ЕУ по пазарни цени. Украинските власти престанаа да купуваат гас од Русија во 2014 година, но проблемот е што половина од гасоводните полиња во Украина се наоѓаат во Харкивскиот регион, во непосредна близина на воените линии на фронтот, правејќи ги мета за напади на руската војска. Доколку бидат нападнати тие, или складиштата за природен гас во земјата, тогаш Украина ќе мора да увезе уште повеќе гас во наредниот период.
На украинските власти во моментов им требаат околу 10 милијарди долари за увоз на природен гас од странство. Сепак, ваквата сума може да порасне уште повеќе, земајќи го во предвид фактот дека пазарните цени на гасот на европските берзи може уште да растат поради манипулациите на Русија во однос на испораките на гас.
Украинските власти подготвуваат комплети за итни случаи за граѓаните, во случај на уништување на гасоводната инфраструктура. Ваквата помош вклучува дизел генератори, мобилни бојлери и друга опрема за околу 200.000 граѓани на Украина. Сепак, Витренко додава дека доколку гасоводната инфраструктура на големи градови како Кијив или Харкив биде погодена од руското гранатирање, ваквите комплети за итни случаи нема да бидат доволни за граѓаните.
Извор: МЕТА