Порталб: Филипче за понеделник ја презакажа средбата со медицинскиот патронажен персонал

Порталб: Филипче за понеделник ја презакажа средбата со медицинскиот патронажен персонал

Средбата со медицинскиот патронажен персонал од земјава, министерот за здравство Венко Филипче ја одложи за понеделник, иако претходно најави дека истата ќе се реализира до вчера. Медицинските сестри од крајот на овој месец се во опасност да останат без работа, бидејќи две години работат под договор, пишува Порталб.мк.

Порталб.мк разговараше со една од медицинските сестри, вработени преку овој проект, која изрази загриженост бидејќи не знаат дали од јануари ќе бидат на работа или избркани на улица.

„Ние бевме примени преку проект во 2019 година од министерството како патронажни сестри за цела Македонија, на само шест месеци, со фиксна плата од само 20.000 денари, без придонеси. Потоа почна пандемијата, и ни го продолжија договорот за уште шест месеци, потоа имавме прекин, во мај 2020 година ни ги продолжија договорите на шест месеци до крајот на годината, па повторно имавме прекин во јануари и февруари 2021 година, а договорот ни го продолжија од март 2021 година до 31 декември 2021 година“, изјави една од патронажните сестри од Тетово.

Тие сега бараат решенија бидејќи договорот им е продолжен три пати. Инаку се согласуваат најмалку повторно да го продолжат договорот, но со регулирани придонеси и стаж.

„Тој ден кога бевме таму министерот не беше, побаравме средба но ни рекоа дека го нема и дека е во Владата, а не дека не сакал да прифати. Од министерството изјавиле дека ќе закажат средба до утре или денеска, на крајот на неделата“, додаде патронажната сестра.

Потоа медицинскиот персонал барањето го доставил до министерот за здравство во писмена форма.

Но, министерот за здравство рече дека средбата со патронажните сестри ја оставил за во понеделник.

Инаку, во јуни 2019 година, Министерството за здравство објави јавен повик за сите медицински сестри кои се заинтересирани да работат во службите на патронажната дејност, да се пријават на конкурс. Потребните услови беа да имаат завршено средно или високо медицинско образование, со положен стручен испит. Проектот започна на 1 ноември истата година. Преку овој проект беа вработени 48 медицински сестри и 10 лекари во Скопје, 15 медицински сестри во Тетово и останатите други медицински сестри низ државата, со што вкупниот број се искачи на над 130.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе во македонското образование, има промена и …