После повеќе од 3 децении, донесена одлука со која се предвидува реализација на најважниот енергетски проект во Македонија, хидроцентралата Чебрен

После повеќе од 3 децении, донесена одлука со која се предвидува реализација на најважниот енергетски проект во Македонија, хидроцентралата Чебрен

Владата ја разгледа и усвои Информацијата од Министерството за животна средина и просторно планирање за Извештајот од евалуацијата на Комисијата за спроведување на постапката за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија и изградба на хидроелектрични централи на Црна Река.

Согласно Извештајот на Комисијата, Владата на 185-тата седница, донесе Одлука за избор на најповолна понуда за доделување концесија за користење вода за производство на електрична енергија со изградба на хидроелектрични централи на Црна Река која се доделува на понудувачот PUBLIC POWER CORPORATION S.A. – Greece & ARCHIRODON GROUP N.V. – Greece, односно ППЦ-Архиродон, а во согласност со тендерската документација и договорот за концесија кој беше дел на тендерската документација.

Според Извештајот на Комисијата за спроведување на постапката за доделување на предметната концесија, како што стои во Информацијата, понудувачот ППЦ-Архиродон е избрана за најповолна, со оглед на тоа што понудувачот ги исполнил условите содржани во јавниот повик и тендерската документација и доставил најповолна понуда.

Според донесената Одлука, избраниот понудувач има обврска во рок од 3 месеци да го склучи Договорот за заедничко вложување и да основаат акционерско друштво со АД ЕСМ, во кое што АД ЕСМ учествува со 33% од акционерскиот капитал. Регистрираното друштво е должно во согласност со одредбите на Законот за водите, а пред потпишување на договорот за концесија, да обезбеди дозвола за користење на водата.

Со оваа одлука се овозможува реализација на еден од најголемите и најважните енергетски проекти во Република Северна Македонија. Проценетата вредност на инвестицијата е околу 1 милијарда евра со која е предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала Чебрен, со инсталиран капацитет од најмалку 333 MW. ХЦ Чебрен е предвидено да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река предвидено е создавање ново вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во нашата држава.

По завршување на проектирањето, и обезбедувањето на потребните документи се очекува да се почне со градба која е предвидена да трае 7 години.

Чебрен е од исклучително значење за енергетската транзиција на Северна Македонија и регионот, поради можноста за балансирање на обновливите извори на енергија. Воедно ќе има огромно значење и за заштита од поплави, водоснабдување, земјоделие и слично со висина на браната од 192 метри, со што ќе биде една од највисоките во светот.

Идејата и проектирањето за големиот хидроенергетскиот проект Чебрен започнува со првите физибилити студии во 60-тите години. Според Информацијата од Министерството за животна средина и просторно планирање, се започнати уште од 1964 година, со тоа што во 1986 се склучени договори за изработка на инвестициско-техничка документација за ХЕ Чебрен. Последниот јавен повик, пред тековниот, е објавен во 2016 година. Досега имало 13 неуспешни тендери во период од последните 20 години. Постојниот Јавен повик е четиринаесетти обид за доделување концесија на Црна Река.

Прочитајте повеќе

Прв работен ден за новата Влада – резултати или само ротација на кадри?

Прв работен ден за новата Влада – резултати или само ротација на кадри?

Новата власт, која најавува видливи резултати, економијата и животниот стандард на граѓаните ги стави меѓу …