Пишува: Зоран Милошески
Првиот круг од претседателските избори, за двата најголеми политички субјекта, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, може да се оцени како поразителен. Му се бендисувало тоа некому или не, бројките кои се единствениот релевантен фактор за дефинирање на изборните победи и порази, недвосмислено го потврдуваат констатираното.
Некој ќе рече дека е несоодветно да се компарираат резултати од претседателски и локални избори, што во голема мера е точно. Сепак, без да навлегувам во детална анализа на конечните резултати, која им ја препуштам на аналитичарите, со голо око е видлив трендот на губење доверба на граѓаните и кон двата табора.
Новиот пад на бројот на освоени гласови на ВМРО-ДПМНЕ, кажува дека партијата е далеку од најавеното и посакувано враќање на вистинскиот колосек и победничките патеки. Оти, да се освојат 20.000 гласови помалку од, за нив, катастрофално изгубените локални избори од 2017 година, не може да се карактеризира никако освен како нов дебакл. Затоа, еуфоричната и славеничка атмосфера во централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ не само што беше нелогична и неразбирлива, туку и глупава.
Ама, не е проблемот во опозициската партија. Не е ВМРО-ДПМНЕ одлучувачкиот фактор во приказната наречена “претседателски избори“. Или барем не требаше да биде. Оти партија која 11 години функционираше како акционерско друштво предводено од злосторничко здружување до гуша заглавено во судски процеси, кое го организираше упадот во Собранието и обидот за државен удар, партија и здружение чиј идеолог и нарачател на сите зла “храбро“ избега од државата, партија чие актуелно раководство нема капацитет да води ништо покрупно од куќен совет, која на изборната трка излезе со типичен “комуњарски“ кандидат со националистичка матрица… таква партија, по ниедна основа, на било кои избори во следните 4 години, не смееше да биде сериозен претендент.
Меѓутоа, се случи она во кое многумина не сакаа да веруваат.
Поразителниот резултат на СДСМ е алармантен, но не и неочекуван. Бидејќи од жолтиот картон кој граѓаните на референдумот им го покажаа на социјалдемократите, партијата на власт не извлече никаква поука.
Нема да го повторувам она што го напишав во една моја колумна објавена непосредно после референдумот. Меѓутоа, она на што тогаш предупредив, сега доби свој епилог.
Ако во изминатото 28 годишно парламентарно искуство нешто се сменило во нашата држава, тогаш тоа е созревањето на електоратот. Се разбира, не мислам дека демократската свест се гради преку ноќ, дека граѓаните за рекордно кратко време “еволуирале“ во препознавањето и селектирањето на квалитетната од неквалитетната понуда. Меѓутоа, дека по тоа прашање е направен солиден исчекор напред, тука нема дилема. Погледнете го само бројот на граѓани кои поддржаа една таква тешка одлука, како што беше промената на името на државата – 630.000! И тоа во услови кога опозицијата го бојкотираше референдумот и кога, практично, секој оној кој се појави на гласачкото место, излезе на “бришан простор“ и пред “снајперот“ на аналитиката на ВМРО-ДПМНЕ. И покрај сето тоа, граѓаните ја препознаа важноста на моментот и, безмалку јавно, ја поддржаа политиката на владината коалиција.
Нецели 6 месеци подоцна, бројката на граѓани кои го поддржаа кандидатот за Претседател на државата на истата таа владина коалиција, двојно се намали! Што се случи? Каде исчезна поддршката на повеќе од 300.000 граѓани?
Повеќе е од јасно дека пораката која граѓаните ја испратија на 21 април, не се однесуваше на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, туку беше адресирана до „Бихаќка“! Исто онака како што со пенкало срушија режим, на истиот начин, со пенкало, граѓаните го искажаа незадоволството од практикувањето на власта од страна на СДСМ, ДУИ и останатите коалициски партнери. Воедно, тоа може да биде и последното предупредување кое стигнува до политичките субјекти кои го чинат владиното мнозинство. Бидејќи, евентуалниот пораз на Пендаровски во вториот изборен круг, дефинитивно ќе го означи почетокот на крајот на Владата на Зоран Заев.
Народот не сака прикривање или извртување на вистината. Уште помалку, минимизирање на вината на скандалите во режија на бројни, ама баш бројни државни, локални и партиски функционери, експоненти на владиното мнозинство. Народот не ѝ прости на власта што бандитите од злосторничкото здружување слободно шетаат низ државата и светот. Народот нема да премине и да ги амнестира непотизмот и злоупотребите на власта, како на локално така и на централно ниво, на сите оние кои во континуитет го рушат сето она што на меѓународен план го градеше Заев.
Немам дилема дека Пендаровски ќе победи и во вториот круг, но тоа не мора да значи негово преселување во претседателската вила на Водно. Затоа што проблемот со достигнувањето на цензусот, кој ќе му биде посериозен “противник“ отколку Сиљановска-Давкова, како Дамоклов меч виси над неговата глава. Затоа, она што е врвен приоритет на Заев и на штабот на Пендаровски, е да најде начин да ги мотивира граѓаните на 5 мај да излезат на избирачките места. Што, сигурен сум, ќе значи повеќе од половина завршена работа.
Меѓутоа, она што после вториот круг мора, едноставно мора да се случи, е генерална чистка во непосредното владино и партиско опкружување на Зоран Заев, во неговиот кабинет, во државните институции, но и чистка во пониските партиски ешалони. И тоа итно, без одлагање, темелно, принципиелно и неселективно. Во спротивно, на првите следни избори, какви и да бидат, кога и да се одржат, СДСМ ќе ја изгуби власта.