Последните смртни казни во поранешната СФРЈ

Последните смртни казни во поранешната СФРЈ

Во Македонија, последната смртна казна била извршена во 1987 година, после пресуда на тогашниот скопски Окружен суд.

Имено, Маље Зекири од село Зајас ја силувал својата 15 годишна ќерка Беглија, а потоа со најлонско јаже ја задушил правејќи јамка околу вратот. Со цел да го прикрие злосторството, телото на мртвата ќерка го запалил.

Лешот после неколку денови го пронашол овчар. Зекири го признал делото, а вештаците од Судска медицина потврдиле дека таткото-монструм во моментот на извршувањето на делото бил во свесна состојба. 48-годишниот Зекири, повратник од Белгија, бил осуден на смрт со стрелање.

Смртната казна во Македонија беше укината во 1991 година.

Само 2 недели пред Скупштината на Србија да изгласа бришење на смртната казна од Кривичниот законик, во средината на февруари 2002 година бил погубен Јохан Дроздек од Каравуково, кој во 1987 година ја задавил и силувал 5-годишната Ивана Салијевиќ.

Во Црна Гора, смртната казна е укината во 2002 година, а од 1991 година па се’ до тогаш, биле изречени 8 такви пресуди, но ниту една не била извршена. Последен пат, во име на народот, во 1981 година бил стрелан Драгиша Ристиќ, кој во 1977 година се обидел да ја силува 4-годишната Љиљана Вуксановиќ. Меѓутоа девојчето се спротивставувало и викало, по што монструмот го задавил и, за да ги скрие трагите, го запалил нејзиното тело.

Во Хрватска најтешката казна била избришана од Уставот во 1990 година, а последен кој бил погубен е Душан Косиќ од Карловац, кој во 1983 година го убил младиот брачен пар Матијевиќ и нивните малолетни ќерки.

Последната егзекуција во Словенија била извршена во 1959 година, кога бил стрелан Франц Рихтарич, „словенечкиот Робин Худ“, како што подоцна бил наречен. Негова „специјалност“ биле кражбите во куќи на „социјалистичките богаташи“ и државните институции. Откако полицијата со години неуспешно се обидувала да го уапси, при една потера во 1955 година Рихтарич смртно ранил еден полицаец.

Во Босна и Херцеговина, последната смртна казна била извршена во 1976 година, 22 години пред нејзиното бришење од Кривичниот законик. Тогаш бил стрелан Душан Продиќ од околината на Добој, кој откако останал вдовец повторно се оженил и на наговор на новата сопруга, го убил својот 6-годишен син.

Според нецелосни информации, од 1968 година кога во БиХ бил погубен првиот осуденик на смрт, биле извршени 5 егзекуции. Таа 1968 година, смртна пресуда му била одредена на Милојко Аризановиќ, водник во ЈНА, кој откако бил наговорен од својата љубовница, ги убил сопругата и детето. Откако ги убил, ги закопал во сараевската населба Враца, но за кратко време полицијата го открила двојното убиство и местото каде жртвите биле закопани.

Како што тврдел магазинот „Старт“, сликите на убиените му биле испратени и на тогашниот врховен командант Јосип Броз Тито, кој требало да одлучи дали ќе го помилува убиецот од смртната пресуда. Гледајќи ја сликата на убиеното дете, Тито, наводно рекол: „Не можам да го помилувам за ова што му го направил на детето“.

Тоа било последен пат Тито да одлучува за помилувања, по што сите надлежности по тоа прашање му ги префрлил на Претседателството на тогашната СФРЈ.

Прочитајте повеќе

Искра Гешоска

Гете-медалот оди во Северна Македонија, во рацете на Искра Гешоска

Гете-медалот ќе го додели претседателката на Гете-институт Карола Ленц на церемонија на 28 август 2024 …