Канадски авион кој учествува во потрагата по исчезнатата мини-подморница наречена „Титан“, во вторникот регистрирал звуци на силно тропање под водата кои се повторуваат секои 30 минути во областа која се пребарува. Магазинот „Ролинг стоун“ ги цитираше овие наводи повикувајќи се на имеил испратен до Министерството за внатрешни работи на САД. „Четири часа подоцна беше вклучен втор сонарен апарат и ударите повторно беа чујни“, се вели во имеилот.
Американската крајбрежна стража потврди дека во областа каде се одвива потрагата се регистрирани „подводни звуци“. По информациите добиени од канадскиот авион, „возилата управувани од далечина се пренасочени заради испитување на изворот на звуците. Возилата пријавиле негативни резултати по пребарувањето, но тие продолжуваат да работат“, објави американската крајбрежна стража на Твитер.
Мини-подморницата „Титан“ на тур-операторот ОушнГејт Експедишанс во неделата тргна во туристичка подводна обиколка на потонатиот брод „Титаник“, но по само два часа контактот со придружниот матичен брод „Полар принц“ бил прекинат и оттогаш нема никаква трага од петте патници.
Остатоците на потонатиот, некогаш најголем брод во светот, „Титаник“, се наоѓаат на дното на Атлантикот на длабочина од околу 4.000 метри во меѓународни води. Областа која се пребарува во потрага по исчезнатата подморница изнесува околу 20.000 квадратни километри и се наоѓа на околу 650 километри од канадскиот брег.