Преку „алијанса за Европа“ ќе се туркаат уставните измени

Али Ахмети повикува на фронт за забрзување на патот кон ЕУ. Надежите се дека „Огнената група“ нема да им ги помати плановите и дека поддршка ќе се добие и од Алијанса за Албанците.

Дилемата дали Алијанса за Албанците ќе стане дел од владината коалиција и дали ќе се обезбеди парламентарно мнозинство за уставните измени повторно се актуелизира во јавноста. Во пресрет на исполнувањето на еден од најважните услови за продолжување на преговорите со ЕУ, власта ги забрзува разговорите со сите политички субјекти коишто би можеле да ја поддржат европската агенда. Првиот човек на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети вели дека целта е да се прошири мнозинството и да се создаде една алијанса за Европа.

„Мислам дека парламентарното мнозинство е стабилно, но има еден поопширен и поперспективен пристап, значи да се прошири тоа мнозинство и да се создаде една алијанса за Европа“, изјави денеска Ахмети, откако во јавноста повторно се актуелизираше прашањето за влез на Алијанса за Албанците во Владата.

Нема конкретна понуда 

Претседателот на АА, Арбен Таравари, во интервју за ТВ 21, рече дека постои можност Алијанса за Албанците да стане дел од Владата и дека тоа го бара меѓународниот фактор. „Доколку и граѓаните го бараат тоа, Алијанса би можела да стане дел од Владата“, рече Таравари. Но, нагласи дека засега нема конкретна понуда.

„Ако не станеме дел од Владата, тогаш одиме на избори. Нема друго решение. Сепак, приоритет за нас се уставните измени и затоа сме спремни да станеме дел од Владата за да го помогнеме процесот“, рече Таравари.

Кој е тој меѓународен фактор?  

Изјавата на Таравари дека меѓународен фактор бара Алијанса за Албанците да стане дел од владината коалицијата предизвика реакции кај опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тие денеска побараа одговор кој е тој меѓународен фактор.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, вели дека Таравари треба јасно и гласно да ѝ одговори на јавноста, а доколку не каже тоа значи дека има друга причина зошто сака да влезе во Владата. „Доколку Таравари премолчи и не каже значи дека Таравари не е искрен и има друга причина зошто сака да влезе во Владата“, рече Стоилковски.

Арбен Таравари
Арбен Таравари, вели дека постои можност Алијанса за Албанците да стане дел од Владата и дека тоа го бара меѓународниот фактор

Фронт за ЕУ

Дека со Алијанса се разговара за влез во Владата потврдува и Ахмети. Тој вели дека разговорите, сепак, не се дојдени до поделба на ресорите. „Да видиме како ќе се развиваат разговорите и каков ќе биде епилогот. Потоа ќе зборуваме и за ова прашање“, рече Ахмети. Според него, овие разговори немаат врска со „Огнената група“ во ДУИ, иако пратеникот и потпретседател на интегративците, Изет Меџити, кој е дел од оваа група го тврди токму спротивното. Тој неодамна во интервју за РСЕ рече дека тенденцијата за влез на Алијанса во Владата е да се замолчат „огнените“, како и членови на други партии „за тесни политички интереси, но во никој случај за стратешка агенда“.

Но, Ахмети вели дека тој има „морално и национално право да повика на фронт за забрзување на патот кон ЕУ“. „Ајде сите да размислиме малку и да ја надминеме гордоста и да видиме како ќе изградиме фронт за да го забрзаме патот кон ЕУ. И ако некој има морално и национално право да ја преземе оваа иницијатива, тоа сум јас, да ги поканам сите, бидејќи ова е најважниот момент да ги унапредиме нашите прашања, но и да ги подобриме нашите стандарди“, рече Ахмети одговарајќи на новинарски прашања за случувањата во партијата, „Огнената група“ и стабилноста на парламентарното мнозинство. Токму незадоволните во ДУИ кои се дел од „Огнената група“ денеска не присуствуваа на свеченоста на одбележувањето на 555-годишнината од смртта на Скендербег.

Ахмети смета дека тие дека имаат погрешен пристап кога се обидуваат да го претстават како диктатор, спомнувајќи го Ким Џонг- Ун, лидерот на Северна Кореја. Но, дециден е дека никој нема да биде исклучен од партијата.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Фондацијата Метаморфозис со конкурс за годишна награда „Илија Жупаноски“ за справување со дезинформации

Ќе бидат доделени две годишни награди во две категории: Најдобар новинарски труд, односно стручен труд …