Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и претседателот на Владата на Република Грција, Алексис Ципрас, денеска во Скопје одржаа прес-конференција, на која одговараа на прашања на новинарите.
Ви ги пренесуваме во целост одговорите на премиерот Заев на прашањата на претставниците на медиумите, присутни на денешната прес-конференција.
Прашање: Комисиите се занимаваа со прашања поврзани со читање на симболите од историите, личности, учебници, како и трговските знаци и имиња. Имаше многу реакции во јавноста и сакам да прашам како двајцата вие имате намера да ги убедите оние кои што се двоумат, кои што се уште ламентираат по одредени нешта? Како ќе ги уверите дека тие ќе имаат корист од тој Договор?
Одговор на премиерот Заев: Благодарам на прашањето. Ова е важно прашање. Во целост се согласувам со Алексис. Самиот Договор, неговата имплементација, стопроцентно ќе го изгради искреното пријателство помеѓу двете земји и двата народи. Навистина, не верувам дека некој во иднина ќе може да остане рамнодушен и да не поддржи работи, кои што се придобивки за двете земји, за граѓаните на двете земји. Дури и тоа што е негодување, од опозицијата во Грција или во Северна Македонија верувам дека е само од политички побуди и причини.
Протоколот за нашето пристапување го имаат ратификувано девет земји-членки на НАТО. НАТО е нашата иднина. Треба сите тие политички чинители, па и граѓани, кои што се уште имаат резерва, ќе ги видат убавите придобивки од енергетските проекти, од новите фабрики, инвестирани во двете земји. Да ги видат убавите придобивки од економската од економската трговија, која што расте помеѓу нашите две земји. За половина година од потпишувањето на Договорот трговската размена помеѓу нашите две земји порасна за 20,7 проценти, и блиску сме до една милијарда долари. А, допрва таквите можности се отвораат. Кога ќе ги видат придобивките од двата нови гранични премини, кога ќе ги видат туристичките придобивки за кои што зборуваше Алексис, кога ќе го видат искреното пријателство, кое што на некој начин три децении било заробено, не му било дадено можност како птица во кафез да не летне…
Јас, верувам, дека навистина овие перспективи кои што се отвораат ќе донесат само придобивки. Односно, да бидам прецизен, дури и оние последни кои останаа со резерви или со антагонизам и непријателство кон Договорот, ќе се потрудиме заедно да ги осигураме, да ги охрабриме и да бидат приврзаници на самиот Договор. Заради тоа што Договорот е за пријателство и за стратешка соработка меѓу нашите две земји. А, треба да знаат граѓаните на Грција, дека ние од наша страна, целосно ќе го спроведеме Договорот. Тоа, што се случува понекогаш, со трговските марки е составен дел, на оваа Комисија која што ќе ја формираме, не подоцна од 15 мај и во рок од три години, се надевам многу побрзо, рокот од 3 години е предвиден во Договорот, ќе ги реши овие, но и било кое друго отворено прашање, кое што веќе е адресирано во самиот Договор прашања, заради тоа што духот на пријателството е веќе овде присутен. Тоа, значи дека целосно двете страни ќе го спроведеме Договорот заради тоа што Договорот носи само придобивки, на двете страни.
Јас, уште еднаш апелирам сите граѓани да го искористат ова можно, убаво пријателство помеѓу нашите две земји, заради тоа што тој Договор носи само придобивки за двете земји и за двата народа. И, да не заборавиме, Договорот заедно го посветивме на младите, на идните генерации, да им носи бенефит, да им носи иднина, да им носи живот овде, во нашиот регион, секој во својата земја, но, како пријатели, кои што соработуваат помеѓу себе.
Прашање: Кажавте дека Преспанскиот договор е во полн ек и дека мора интензивно да се работи. Сепак, двете опозициски партии ВМРО-ДПМНЕ и Нова Демократија не го прифаќаат Преспанскиот договор и кажаа дека кога во иднина би дошле на власт би го поништиле или во краен случај би го успориле процесот. Ако може коментар околу ова, дали сте размислувале на кој начин, на кој механизам би продолжило интензивно спроведување на Договорот, или сепак ќе биде оставено на волјата на наредната Влада?
Одговор на премиерот Заев: Благодарам на прашањето. Важно е, го прашуваат насекаде новинарите. Прво, немаме некој доказ дека во било која земја некој поништува договори. Посебно, не договори кои што носат придобивки за двете земји и за двата народи. Договорот е во полн ек и почнува со својата имплементација. Јас сум убеден силно, дека тој Договор ќе донесе само бенефит, само придобивки, само убава иднина за двете страни. И за нашата и за грчката страна и за двата народи.
Од тој аспект, ние политичарите постоиме да им служиме на граѓаните, а граѓаните уште сега во огромно мнозинство се за Договорот. Со самата реализација, тоа мнозинство ќе тежнее кон стопроцентно мнозинство. Јас, сум убеден дека не постои политичар во светот, кој што ќе тргне против граѓаните, заради тоа што тие се нашите избирачи. Секако, ќе покаже времето. Опозицијата некогаш ќе стане власт, се надевам тоа ќе биде малку подалеку од денеска, во било која од двете страни. Но, кога и да се случи тоа, праксата ќе покаже дека тоа што е постигнато, секој сака да го сочува и да оди напред. Да работи за својот народ, да донесе нови придобивки и знам дека тоа ќе се случи, поврзано и овде во Договорот. Во нашиот случај, тоа би значело, директно: Дали опозицијата ако стане власт, ќе се откаже од НАТО? Ќе ги врати работите од НАТО-процесот? Тоа е Договорот од Преспа и поврзаноста со НАТО процесот. Или, ќе престане да преговара со поглавјата од Европската Унија? Не. Ова е неповратен процес и секој што застанува заедно со ветрот кон процесот, да го подржи, во функција на поддршка на Договорот може само да очекува придобивки од граѓаните на кои што им служи. Така да, целосно сум убеден дека Договорите ќе бидат подржани, во нивната имплементација и од опозициите во двете земји, затоа што ќе бидат подржани од се поголемо, огромно мнозинство на граѓаните од двете земји.
Прашање: Во изминатите денови, по Ратификацијата на Договорот од Преспа, имаше многу интерес од меѓународната заедница на помалку или повеќе позитивен начин, но можеби на негативен, што се однесува до содржината на Договорот и на поширокиот регион. Многу официјални лица, веруваат дека има конкуренција помеѓу големите сили за она што се случува на Балканот и општо гледано на регионот на Источен Медитеран. Како ќе се справите со таквите прашања?
Одговор на премиерот Заев: И на ова прашање, како и на претходните, се согласувам со Алексис. Заради тоа што, прво е наше суверено право, како ќе ги градиме нашите односи, нашата идна соработка и токму тоа го правиме. А, впрочем, преку тоа верувам дека му помагаме на целиот Балкански регион на целата земја, на цела Европа, но и на целиот свет. Договорот, навистина може да биде „Role model“. Убав модел, кој што дефинитивно може да биде употребен и во други региони каде што постоеле исти или слични прашања. И од тој аспект, можам само да дополнам дека навистина интересот на сите големи сили, овде кон овој регион е добредојден. Заради тоа што верувам дека ќе биде само позитивен во периодот којшто доаѓа.
Ние сакаме соработка со сите, ние сме мала земја. Денес, сме пријатели со сите наши соседи и немаме ниту едно отворено билатерално прашање. А градиме пријателство со целиот свет. Нема алтернатива за нас, освен полноправното членство во НАТО и во ЕУ. Ние сакаме соработка и со Русија, сакаме соработка и со Кина, сакаме соработка и со Источниот свет заради тоа што тоа носи бенефит на нашите граѓани, носи економски прогрес и повисок економски стандард на сите. Така да, драго ни е, што и Руската Федерација го призна и го прифати новото уставно име, Република Северна Македонија.
За нас тоа е позитивен сигнал за унапредување на соработката која што и досега била добра, но да ја унапредиме и да биде уште подобра, секако и со Руската Федерација. Работиме заедно со Кина, на „Патот на свилата“, или иницијативата 16 +1, како што се вика Програмата, продолжуваме со соработката. Еве, следната недела сме заедно во Дубровник сите, каде што верувам ќе склучиме и нови проекти и нови можности на соработка.
САД се сериозен инвеститор во нашата земја, голем поддржувач на Република Северна Македонија. Ние, сме благодарни, заради тоа што, тоа стратешко партнерство кое што го имаме со нив е од полза на нашата земја и на граѓаните. А ЕУ е нашето место. Ние, сакаме целосно партнерство, преку полноправно членство и навистина сме убедени дека во јуни, конечно после 14 години, од 2005 наваму, од кога сме земја-кандидат, ќе ги отвориме поглавјата и ќе почнеме преговори со ЕУ.
Прашање: Ако добро ве разбрав, денеска е договорено, кога Северна Македонија ќе стане членка на НАТО, Грција да го штити небото во рамките на „Air policing“ на НАТО. Прашањето е, дали тоа е бесплатно и дали доколку утре на претстојните избори во Грција, дојде до промена на власта и следната Влада ја повлече таа понуда, какви последици би можело тоа да има и во рамките на НАТО за двете земји? Ова е и до господинот Заев, дали доколку дојде до промена на власта ќе се ревидира договорот?
Одговор на премиерот Заев: Прво, и навистина имаме намера, двајцата како пријатели и како политичари, да победуваме и понатаму на изборите. Но, секако, за тоа одлука носат нашите граѓани. Јас, верувам дека и г-нот Мицотакис и г-нот Мицкоски, којшто се претседатели на најголемите опозициски партии, низ текот на времето ќе дадат поддршка на добрите соработки, на новите можности кои што се отвораат, на сериозните перспективи кои што ги има пред нас, заради тоа што тоа е прагма, тоа е политика. Тоа е на крајот, паметно. Да бидете, поддржувач, на она што народот го сака и од кое народот има придобивки.
Во рамките на НАТО, знаете дека ние градиме стратешко Партнерство со сите земји-членки на НАТО. Покрај, одредени стратешки аспекти на договори кои што сме ги постигнале со САД, со Германија со Велика Британија, со Франција и другите земји, еден дел од работите се решаваат и со самите соседи. Нашата земја, нема авијација и нема покривање на нашето небо. И тогаш, согласно НАТО-Протоколот и НАТО-членството тоа значи дека некоја од соседните земји, треба да го покрива нашето небо, за да ја гарантира безбедноста и сигурноста. И од тие соседи, секако знаете дека имаме веќе унапредено соработка со Бугарија, во делот на тенковите, на тренинзите и слично. Со Република Турција имаме заедничко едуцирање на нашите кадри од Армијата.
Еве, со Република Грција веќе се договара по пат на Меморандум помеѓу двете Министерства Република Грција навистина да го покрива нашето небо, обезбедувајќи ја сигурноста и стабилноста. Јас, верувам дека тоа нема никој да го откаже, заради тоа што тоа е добро за сите. Тоа е добро за целиот регион, тоа е нешто за кое што НАТО исто така води грижа и тоа е нешто за кое треба на граѓаните да им биде апсолутно пријатно. Кога немате авијација, посегнувате кон соседите. Албанија исто така нема авијација, а е членка на НАТО и со Бугарија веќе има воспоставено соработка во делот на одбраната. Знаете, министрите за одбрана соопштија. Еве го следниот сосед, којшто е членка на НАТО е Грција и е многу логично и природно, знаејќи го капацитетот на авијацијата на Република Грција, да ова стане еден природен договор, кој што нормално, ќе биде само уште еден чекор на нашата соработка. Ние, нашата земја и граѓаните, правиме еден исчекор да дадеме доверба на нашиот пријател, Република Грција, која што секако е веќе докажан пријател и ќе биде поголем пријател за сите граѓани и за нашата земја.