Прес во прилепскиот Тутунски Комбинат: Просечната откупна цена изнесува 171.2 денари, политиката замешана во протестите на тутунарите

Незадоволството од откупот на тутун на дел од тутунопроизводителите од Пелагонискиот регион, беше причина за денешната прес конференција во прилепскиот Тутунски Комбинат.

Генералниот директор на Тутунскиот Комбинат, Киро Станкоски, нагласи дека неповолните временски услови, долготрајната суша на почетокот на производниот процес и подоцнежните обилни врнежи од дожд, придонесоа годинешната реколта да биде со послаб квалитет од минатогодишната.

„Во текот на денешниот ден, до 11:00 часот, Тутунски Комбинат има откупено 6.165 килограми тутун по просечна цена од 193.3 денари. Во изминатите две недели откупени се околу 80.000 кг тутун, по просечна цена од 171.2 денари. Од состанокот кој во петокот го имавме кај министерот за земјоделство, од страна на Државниот инспекторат беше истакнато дека до тој момент, просечната откупна цена на државно ниво беше 165 ден/кг. Тоа значи дека станува збор за класична инсинуација и дезинформација, дека тутунот се откупува по цена од 120-130 денари“, изјави Станкоски.

Станкоски нагласи дека Комбинатот врши реална процена на тутунот кој го носат нивните кооперанти и доколку и другите откупните компании вршат таква реална процена, кај тутунопроизводителите нема да постои причина за незадоволство. Дополнително, од причина што временските прилики им одат во прилог на тутунопроизводителите, во претстојниот период ќе бидат преземени уште поголеми количини на тутун и дека неговата просечна откупна цена, заради носењето на тутунот од повисоките класи, ќе се зголемува.

„Анализите покажуваат дека од почетокот на откупната сезона, претежно се откупува тутун од средни и ниски берби, заради што и просечната цена се движи околу 170 денари. Премногу е рано да се зборува за задоволство или незадоволство од просечната цена, на олку мали количини откупен тутун. За тоа ќе може да зборуваме откако ќе го откупиме тутунот од повисоките класи, произведен во месец септември, кој е далеку поквалитетен од оној кој сега го откупуваме и кој ќе придонесе за зголемување на просечната цена“, потенцираше Станкоски.

Истовремено, тој нагласи дека тутунот е единствената култура која е обезбедена со закон, во кој е јасно кажано на кој начин се организира производството и се врши негова процена.

„Тука е и Сојузот на тутунски здруженија од каде на секоја вага има делегирано претставник, кој доколку смета дека не се врши реална процена, тоа може да го пријави кај второстепената комисија. Досега, на ниво на држава се откупени нешто над 300 тони тутун, или 1% од вкупните количини. Она што е посебно интересно, е дека до второстепената комисија не е испратена ниту една пријава, а сведоци сме на протести и незадоволни тутунопроизводители, што е апсурд и што ни дава за право да се сомневаме дека во протестите, политиката ги замешала прстите“, заклучи Станкоски.

Прочитајте повеќе

Петровска го доби Ковачки на суд и се откажа од 10.000 евра што требаше тој да ѝ ги плати за клевета

Таа напиша дека „пари од нечесник не сака“ и поради тоа се откажува од паричниот …