„Северна Македонија е пример за држава којашто преку функционални политики на дијалог ги унапредува добрососедските односи“, порача претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на официјалното отворање на годинешниот Преспа форум дијалог, на сесијата „Договорот од Преспа за пет години: предизвиците претворени во можности“.
„Со Договорот од Преспа и сите следни чекори до денес, ја обновивме вербата во дипломатијата, промовирајќи го отворениот дијалог како придобивка.
Со тоа, покажавме применлив и функционален пример за решавање кризи, што има посебно значење во денешниот геополитички контекст на случувања, за решавање слични предизвици пред коишто се исправени и регионот и Европа денес. Пред 5 години премиерите на Северна Македонија и Грција успеаја да се разберат, низ дијалог затоа што имаше таква поличка волја од двете страни.
Јас и премиерот на Бугарија – Петков, ланскиот јули, успеавме да се разбереме, бидејќи водевме дијалог и затоа што имавме политичка волја од двете страни. Со вакво одговорно практикување на доверената доверба од граѓаните, за само 5 години: Република Северна Македонија ја направиме рамноправна членка на НАТО. По долги 17 години, минатата година успеавме да ги започнеме преговорите со Европската Унија, со целосна заштита на идентитетските одредници на македонскиот народ.
Пример сме во регионот и во Европа за успешна, функционална, мултиетничка држава, во којашто граѓаните имаат еднакви права и одговорности пред законите”, изјави премиерот Ковачевски.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи во завршното обраќање на официјалното отворање на Преспа форумот за дијалог ја истакна важноста на Форумот, како платформа за конструктивен дијалог и соработка во регионот.
„Исправени сме пред задача – мисија да ја комплетираме Европа преку проширување на европското семејство до 2030 година. Оваа мисија, иако предизвикувачка, е далеку од невозможна.
Потребно е секој од нас да го признае геополитичкиот момент и да го заштити новосоздаденото евроатлантско единство со цел да ја зајакне нашата заедничка отпорност со цел безбедна, инклузивна и просперитетна Европа. Мора да ја признаеме важноста од справување со итни предизвици кои се пред нас. Мора колективно да се справиме со прашањата, како што се економската нееднаквост, корупцијата и климатските промени. Со искористување на моќта на соработката и иновациите, можеме да ги трансформираме овие предизвици во можности за раст, развој и напредок, со цел проширувањето на европското семејство да биде неизбежна мисија”, посочи министерот Османи.
На панелот говореа Мирослав Јенча, помошникот генерален секретар на ОН за Европа, Централна Азија и Америка, генералниот директор на МНР во Грција и поранешен амбасадор на Грција во Северна Македонија, Русос Кундурос, генералната директорка за Западен Балкан во ЕУ, Ангелина Ајнхорст, Милош Ристовски, од Европскиот Младински Форум, како и специјалниот претставник на Владата на Сојузна Република Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин.
Говорниците заеднички констатираа дека Преспа форум дијалогот е заедничка платформа за дискусија и вмрежување како и изнаоѓање решенија и взаемно комуницирање. Беше истакнато дека само заеднички може сите да се надеваме на подобра иднина и сите дека можат да придонесат во заедничките напори за креирање на просперитетна и стабилна Европа.
На панелот се обрати и претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, кој имаше видео обраќање во кое даде поддршка за Преспа форум дијалогот како и за процесот за евроинтеграција за Република Северна Македонија.
Премиерот Ковачевски на крајот на сесијата и додели признание на Мајлинда Брегу, генерален секретар на Советот за регионална соработка.