Приказна за островот, црквата, иконата и гобленот со исто име – „Богородица од карпата“

Приказна за островот, црквата, иконата и гобленот со исто име – „Богородица од карпата“

Пишува: Зоран Милошески

„Госпа од шкрпјела“, или „Богородица од карпата“ е единствениот вештачки остров во Црна Гора. Островот се наоѓа во Которскиот залив, во непосредна близина на Пераст и претставува ретка туристичка атракција во која се испреплетиле вистинските сведочења, митовите и легендите.

Приказната за островот кој постојано расте, ја привлекува љубопитноста на странските туристи. Островот настанал од една единствена карпа, на која на 22 јули во 1452 година двајца рибари, браќата Моршиќ, ја пронашле иконата на Богородица.

За „Фашинадата“ и „Салата за помирување“…

„Фашинадата“ претставува древен обичај во кој, секој 22 јули, чамци накитени со зеленило и наполнети со камења, испловуваат од источната страна на Пераст, движејќи се покрај брегот спрема западната страна, после што тргнуваат кон островот.

Во чамците со весла се наоѓаат само возрасни мажи, бидејќи старите жители на Пераст, според традицијата, ги чувале младите синови од нападите на Турците. Во првиот чамец се наоѓаат свештеник, градоначалникот и почесни граѓани на Пераст, како и пејачи кои пеат стари песни од тој крај, наречени „бугарштици“. „Фашинадата“ завршува со традиционалното фрлање на камењата околу островот.

Како што врвеле годините, со фрлањето на камења околу карпата се зголемувала и површината на островот, која денес изнесува околу 3.000 метри квадратни.

Во 1630 година од страна на Венецијанците на островот била израдена црква, која го носи истото име како и островот, „Богородица од карпата“ и која претставува еден од најзначајните културно-историски споменици на Бока Которска.

По нарачка на општината Пераст, скулпторот од Џенова, Антонио Капелано во 1796 година го изработил мермениот олтар на кој се наоѓа познатата икона „Богородица од карпата“, дело на Ловро Добричевиќ.

На бочните ѕидови на црквата се наоѓа мноштво од рељефни сребрени плочки со бродовите на бокељските морепловци. Пред заминување на морето морепловците оставале рељефни плочки, бидејќи верувале дека на тој начин Богородица од карпата ќе ги штити на нивниот пат.

Во црквата постојат и неколку археолошки збирки, слики, ракотворби и предмети од секојдневниот живот кои верниците ги оставале во знак на благодарност за исполнетите молитви упатени до Богородица од карпата, заштитник на морепловците од Бокељ.

Она што исто така е особено интересно, е дека отспротива на црквата се наоѓа една просторија, наречена „Сала за помирување“, во која со векови се помируваат раскараните страни, без разлика дали станува збор за пријатели, семејства, православни и католици. Според кажувањата, во оваа просторија биле спречени многу крвни освети бидејќи оној кој ќе се согласел на разговор во неа, поради светоста на местото, однапред се откажувал од навреди и насилство, така што во нормален разговор многу ситуации биле решени на мирен начин.

За гобленот и несреќната судбина на Јацинта Мијовиќ – Куниќ…

Длабоко врежана во меморијата на секој посетител на островот, останува и приказната за несреќната судбина на Јацинта Мијовиќ – Куниќ. Чекајќи го својот сопруг морепловец да се врати во Пераст, цели 25 години, од 1803 до 1828 година Јацинта го везела гобленот со ликот на Богородица, кој е потполно идентичен на ликот од иконата пронајдена на местото на денешниот остров.

Јацинта гобленот го работела со игла, под лупа, користејќи седум различни материјали, правејќи неверојатни 700 убоди на еден квадратен сантиметар. Подлогата на гобленот била специјален вид на јапонска свила, која ја украсувала со златни и сребрени конци, како и со разнобојна кинеска свила. Од платно, користела дамаст кој во тоа време бил многу ценет, потоа разнобојни бисери, а на главите на ангелот, Богородица и Исус ставала влакна од сопствената коса.

На извезениот лик јасно се видливи трагите на стареењето на Јацинта. Нејзината некогаш плава коса, со тек на време ги губела сјајот и бојата, што се гледа на иконата. Според легендата, Јацинта на крајот ослепела, а сопругот не го дочекала.

Гобленот на Јацинта работен според иконата пронајдена на карпата на која настанал островот, се наоѓа во црквата која исто како и островот, иконата и гобленот, го носи името „Госпа од шкрпјела“, односно „Богородица од карпата“.

Приказна за островот, црквата, иконата и гобленот со исто име – „Богородица од карпата“ Приказна за островот, црквата, иконата и гобленот со исто име – „Богородица од карпата“ Приказна за островот, црквата, иконата и гобленот со исто име – „Богородица од карпата“ Приказна за островот, црквата, иконата и гобленот со исто име – „Богородица од карпата“

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …