Прилеп: ЈКП „Водовод и канализација“ врши замена на водоводната мрежа стара 65 години

Паралелно со реконструкцијата на булеварот „Гоце Делчев“, во Прилеп се работи на замена на старата водоводна бетонско-азбестна мрежа со нова, полиетиленска.

За таа цел, на потегот од некогашната Градска кафеана до ЦК „Марко Цепенков“, во должина од околу 280 метри, со сопствени средства во висина од околу 100.000 евра, ЈКП „Водовод и канализација“ врши реконструкција на водоводната мрежа стара 65 години.

„Пред да се изврши реконструкција на булеварот ‘Гоце Делчев’ од страна на Општина Прилеп, ќе биде реконструирана водоводната линија со дијаметар Ф-315 во должина од околу 280 метри, на потегот од старата Градска кафеана до ЦК ‘Марко Цепенков’. Оваа линија е градена во 1955 година и ова значи промена на старата бетонско-азбестна мрежа со современи полиетиленски цевки.  За да се реконструираат во целост главните линии во градот кои се сместени во централното градско подрачје, ќе биде реконструирана и линијата од улицата ‘Ленин’ до раскрсницата на булеварот ‘Гоце Делчев’ со улицата ‘Кузман Јосифоски – Питу’. Во продолжение ќе биде изградена нова секундарна линија со дијаметар 110, за да можат да се прифатат приклучоците, односно истите да не се врзуваат на главната водоводна линија според европските стандарди“, изјави на денешната прес конференција директорот на ЈКП Водовод и канализација“, Емил Јанески.

Јанески рече дека во исто време се работи и на повеќе други локации во градот, односно се реконструираат водоводните линии на улиците „Крушевска“ и „Драган Талески“, а се врши зацевување и во индустриската зона „Металец“.

Што се однесува до состојбата со водоснабдувањето на градот, директорот на ЈКП „Водовод и канализација“ посочи дека во овој период опаѓа издашноста на изворот „Студенчица“. Оттаму во моментов за Прилеп доаѓаат околу 210 литри во секунда, што е доволно за нормално водоснабдување на градот.

„Сакам да информирам дека во овој период опаѓа и издашноста на ‘Студенчица’. Во овој момент таа е некаде околу 700 литри во секунда. Во континуитет ЈКП ‘Водовод и канализација‘ ја следи состојбата и доколку има потреба, ќе бидат пуштени во употреба и бунарите, за што граѓаните ќе бидат навремено информирани. Бунарите се испрани, проверена е водата од страна на Центарот за Јавно здравје и таа е исправна за употреба“, потенцираше Јанески.

Како што рече првиот човек на ЈКП „Водовод и канализација“, градежните работи за реконструкција на водоводната мрежа на булеварот „Гоце Делчев“, ќе бидат комплетно завршени во следните десетина дена.

Прочитајте повеќе

Руски агенти во мантија

Малку е познато дека и пред Васијан Змеев руските агенти во Македонија вршат непријателска дејност …