Прилеп: „Земја“ – изложба на академската сликарка Бојана Артиновска Трпческа

Прилеп: „Земја“ – изложба на академската сликарка Бојана Артиновска Трпческа

Во петок, на 20 мај, во 19.30 часот во ликовниот салон на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, ќе биде отворен првиот дел од изложбатa „Земја“ на академската сликарка и мултимедијална уметница, Бојана Артиновска Трпческа. Самата изложба, замислена е како мултимедијален проект, со отворен микрофон, каде поканети гости ќе можат да ги прочитаат своите пишани творби на тема „Земја”. Посетителите ќе можат да ја видат изложбата од 20 мај до 2 јуни, додека од 4 до 13 октомври, делата ќе бидат поставени во КСП Центар Јадро, во Скопје.

За изложбата и за своето творештво, уметницата Бојана Артиновска Трпческа вели:

„Истражувајќи какво влијание има бојата во просторот, дојдов до древната кинеска практика Фенг шуи, според која, секој од основните елементи има особено влијание и моќ да го лекува протокот на енергија во просторот, во зависност од страната на светот на која е поставен. Верувам дека уметноста може да лекува. Не само авторот кој создава низ процесот, туку и самото дело влијае во просторот, вибрирајќи со одредена фреквенција, делува врз физичкото, менталното и емоционалното тело на човекот. Земјата е елемент најблизок до мојот сензибилитет и природа, затоа одбрав да се посветам на неа.

Сакам да ја изразам мојата благодарност и почит кон мајката од која доаѓа се’, и се повторно кон неа се враќа. Таа е симбол на физичка сензација и раст и манифестација на материјата. Учам да ги слушам земјените енергии и оставам да ме водат. Открив нови тоналитети, форми и бои кои резонираат со чувството кое се раѓа во мене додека сум во контемплација со овој елемент, сите нијанси на кафеава, окер, зелена и црна. Сакам да преовладува густа, топла атмосфера, со цврсто структурирана композиција.

Да се биде во слава  на природата – тоа е целосно духовно искуство!

Моите слики не се креација, тие се продолжение на животот, низ мене повторно се раѓаат земјата, огнот, водата, воздухот…“

Прочитајте повеќе

Вебинар онлајн

Порано само читавме онлајн, сега животот го мигрираме онлајн

Правете бекап на дигиталните податоци, бидејќи ако чувате сè на лаптоп и ако случајно се …