Прилепскиот Архив

Прилепскиот Архив одбележа 66 години од своето постоење

Државниот архив – Одделение Прилеп, вчера одбележа 66 години од своето постоење, од денот кога се направија првите значајни чекори во однос на документирањето на нашето минато, на нашата историја и култура. Со создавањето на Архивот во Прилеп, всушност, започна и институционалното создавање на трезорот со историски документи и материјали што се однесуваат на нашиот идентитет, култура и традиција.

Во досегашното свое работење, Архивот во Прилеп постигна значајни резултати и воспостави солидни професионални односи со речиси сите општествени институции, а вредно и посветено соработува и со приватните иматели. Минатата година одбележа и мал јубилеј кога, меѓу другото, беше објавена и монографијата „65 години Архив во Прилеп (1955 – 2020)”, а по тој повод се организираа и повеќе презентации, предавања и изложби.

Како посебно значаен настан поврзан со работата на прилепскиот Архив и со нашата историја, може да се издвои годинешното публикување на брошурата: „ДОКУМЕНТИ ЗА ПРИЛЕП И КРУШЕВО ОД ИЛИНДЕНСКИОТ ПЕРИОД”, како и видео презентацијата за илинденскиот период, со кои започна манифестацијата „10 ДЕНА КРУШЕВСКА РЕПУБЛИКА”.

По повод одбележувањето 66 години од постоењето на Архивот во Прилеп се планираат и се подготвуваат повеќе активности, меѓу кои и збогатување на документацијата во Архивот во Прилеп со значајни документи и материјали од приватни фондови кои сведочат за нашето национално опстојување, како и архивирање на дела и документи од наши истакнати културни, уметнички и научни личности и други дејци што оставиле трага во севкупниот развој на Прилеп и на околината.

Исто така, во подготовка се и неколку интересни изложби со кои ќе се афирмираат повеќе оригинални документи, што сведочат за развојот на македонскиот идентитет.

Прочитајте повеќе

UltiMATH финале

UltiMATH финалето започна: 350 најдобри средношколци се натпреваруваат за награда од 10.000 евра

Денес започна првиот ден од финалето на UltiMATH, најголемиот натпревар по математика за средношколци во …