Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ ја подготвува претставата „Светулки“

Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ ја подготвува претставата „Светулки“

Во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, се подготвува претставата „Светулки“, по текст од Тена Штивичиќ а  во режија на Драгана Милошевски – Попова, која прв пат соработува со прилепскиот театар.

Драмата „Светулки“ од хрватската авторка Тена Штивичиќ, претставува предизвик за секоја театарска продукција. Протагонистите се заглавени во еден аеродром, на половина пат до својата конечна дестинација и не можат да го продолжат својот пат поради неочекуваното невреме. Заглавени во транзит зоната, тие ги преиспитуваат своите животи, желби, своето минато, тоа за кое копнеат и она кое сакаат да го заборават. Во една навидум едноставна и минлива состојба, носат силни одлуки кои ќе им го променат животот и целиот светоглед.

Тена Штивичиќ е една од најпоставуваните хрватски авторки, која со својот ненаметлив стил дава искрена слика за тоа како изгледа животот во 21 век преку призмата на различни секојдневни ликови претставени од неколку различни генерации и социјални профили. Нејзините ликови се луѓето кои ги среќаваме насекаде, со кои се разминуваме, со кои разменуваме мислења, со кои се дружиме, со кои го поминуваме нашето време… Сите тие кои минуваат низ различни аеродроми, за да ја најдат својата конечна дестинација која ќе ги направи среќни.

Современиот пристап во сценското прикажување на режисерката Драгана М. Попова, филигрански го надополнува дејствието давајќи му суптилност и леснотија во играта. Претставата треба да ја оствари таа интимна врска со публиката, преку откривањето на навидум едноставните, секојдневни животи во контраст со тежината која тие ја содржат и ја носат со себе.

Во претставата игра поголемиот дел од ансамблот на театарот. Драматургијата е на Ивана Нелковска и Лидија Митоска Ѓоргиовска, сценограф е Валентин Светозарев, костимите ги изработи Розе Трајчевска, а музиката е дело на Ирена Топовиќ Драговиќ од Србија.

Премиерата на претставата „Светулки“ е планирана за крајот на јуни. Ова е прв проект во 2021 година кој што го реализира прилепскиот театар, а кој е поддржан од Министерството за култура.

Прочитајте повеќе

Искра Гешоска

Гете-медалот оди во Северна Македонија, во рацете на Искра Гешоска

Гете-медалот ќе го додели претседателката на Гете-институт Карола Ленц на церемонија на 28 август 2024 …