Петра Лукароска

Прилепските советници не ги усвоија завршните сметки на училиштата, на удар директорите именувани од претходната власт

На денешната седница на Советот на општина Прилеп, најголемо внимание привлекоа прашањата за усвојување на завршните сметки на основните и средните општински училишта.

Поточно, најголем интерес привлекоа завршните сметки на СОУ „Ѓорче Петров“ и ООУ „Блаже Конески“, за кои Комисијата за финансирање и буџет не даде „зелено светло“, односно му предложи на Советот да не бидат усвоени. Станува збор за училишта во кои директорските функции сеуште ги извршуваат Петра Лукароска и Ангелка Баракоска, избрани во време на претходната општинска власт предводена од СДСМ.

Покрај одговорите на бројните прашања кои советниците од владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ги упатија до двете директорки, Петра Лукароска, директорка на СОУ „Ѓорче Петров“ напомена дека на седницата на Комисијата не добила одговор за причините за даденото негативно мислење за завршната сметка на училиштето и праша дали Комисијата за едни е мајка, а за други маштеа?

Покрај тоа, во своето обраќање пред Советот, Лукароска рече:

„Како што знаете, сите сметки, сите фактури училиштата ги испраќаат во Општина, односно во Секторот за финансиски прашања каде тие се книжат и каде се изготвуваат завршните сметки. Целото наше книговодство е во Општината, а сите информации се достапни и на системот за јавни набавки, што значи дека секој што сака може да отвори и да види како работиме во училиштето.

Оттаму, ако имало некакви неправилности или нерегуларности во работата на училиштето, сигурно дека од страна на општинскиот Сектор за финансиски прашања ќе имало реакција за таквото работење. Бидејќи такво нешто немало, се поставува прашањето дали со негативниот предлог на Комисијата за финансирање и буџет, се фрла сомнеж и се доведува во прашање и работата на овој сектор?

Во оваа прилика нема да набројувам што се’ е направено во СОУ ‘Ѓорче Петров’, бидејќи е направено многу. Само ќе споменам дека е при крај капиталниот проект реализиран со средства од Министерството за образование и наука, за темелна реконструкција на училиштето со која тоа доби нов лик. Исто така, би сакала да го издвојам и проектот за возрасни, за негуватели на лица со алцхајмерова болест, после чија реализација општината доби 13 лиценцирани негуватели.

За жал, не можам да не ги спомнам опструкциите од страна на локалната самоуправа, со кои се соочувам како директор на училиштето. Кога велам ‘опструкции’, мислам на чекање на добивање согласност и до еден месец за итни и неодложни времени вработувања до три месеци. Не ми е одговорено ниту на барањето за полномошно за реконструкција на опожарениот покрив на работилницата од дрвопреработувачката струка. Со тоа ни е оневозможена апликацијата на повикот за грант за опремување на стручни училишта до регионалниот фонд за соработка, склучување на конзорциум со мали, средни или големи претпријатија од 100.000 до 500.000 евра наменети за опремување на стручните училишта. Сметам дека сето ова е тенденциозно и на штета на вработените во СОУ ‘Ѓорче Петров’, но пред се’ на учениците и на севкупниот образовен процес“, потенцираше Лукароска.

За притисоците и, како што рече, линчот кој се врши врз директорите на четирите општински училишта именувани од претходната локална власт, зборуваше советникот на СДСМ, Дарко Герамитчиоски. Герамитчиоски истакна дека советниците не треба да се вклучат во хајката против четворицата директори, туку треба да се имаат во предвид и да се зборува за видливите и мерливи успеси кои тие ги постигнале за време на нивните сеуште актуелни мандати.

Координаторката на советничката група на СДСМ и коалицијата, Моника Грашеска-Илиеска, истакна дека целата своја енергија локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ ја насочила кон опструирање на работата на директорките на ООУ „Блаже Конески“ и СОУ „Ѓорче Петров“. Таа нагласи дека во изминатите 6 месеци локалната власт не сработила ништо и дека заради опструирање на работата на двете училишта, Министерството за образование и наука треба да и’ ги одземе надлежностите на локалната самоуправа во сферата на образованието.

Прочитајте повеќе

Ќе го урнат ли Мицкоски и Мицотакис Преспанскиот договор

Ќе го урнат ли Мицкоски и Мицотакис Преспанскиот договор

Добра волја за пошироко толкување на Преспанскиот договор нема ниту партијата која ќе го предводи …