Случај „Империја“: Запленет имотот на Сашо Мијалков и уделите во хотел Мериот

Случај „Империја“: Запленет имотот на Сашо Мијалков и уделите во хотел Мериот

Замрзнати се апартмани и гаражи во Скопје со површина од над 800 квадратни метри, акции и удели во повеќе фирми.

Обвинителството за организиран криминал и корупција замрзна голем имот на поранешниот шеф на тајната полицијаСашо Мијалков, којшто е осомничен во судскиот процес „Империја“. Замрзнати се уделите во познатиот скопски хотел Мериот, како и апартмани и гаражи во Скопје со површина од над 800 квадратни метри. Обвинителката Лиле Стефановска доставила шест барања за определување на привремена мерка забрана за оттуѓување и располагање со недвижен имот, со кои се замрзнуваат и акции и удели во повеќе фирми коишто го имал Мијалков.

„Барањата се резултат на постоење на основано сомневање дека имотот потекнува од кривично дело и дека до крајот на кривичната постапка ќе биде особено отежнато или оневозможено неговото одземање“, соопшти Обвинителството.

Од прибраниот доказен материјал произлегло дека овој имот бил пренесен на трети лица за да се прикрие неговиот вистински сопственик. Со одлука на судија на претходна постапка, се забранува располагање, заложување и оттуѓување на имотот по каков било правен основ. Запленувањето не е конечно.

Кој имот се запленува

На предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е определена мерка забрана за оттуѓување и располагање со:
– удел на Дивелоп Груп ДОО Скопје што го поседува во правното лице Хотел Гранд М ДООЕЛ Скопје
– удел на физичко лице од 67,5% што го поседува во Дивелоп Груп ДОО Скопје
– удел – основачки влог од 32,5% што го поседува Бест веј инвестмент ДООЕЛ Скопје во Дивелоп Груп ДОО Скопје;
– недвижен имот на Бизнис Проперти инвестмент ДООЕЛ Скопје во вредност од 58.282.500 денари и тоа апартмани со вкупна површина од 720 м2 и гаражи со вкупна површина од 92 м2.
– хартии од вредност (7213 акции) што ЕКСИКО ДООЕЛ Скопје  ги поседува во Стопанска Банка А.Д. Битола по номинална вредност од 3.000,00 денари по акција или во вкупна вредност од 21.639.000,00 денари и
– деловен простор во градба лоциран на Плоштад Македонија на СИС ИНВЕСТ ГРУП ДООЕЛ Скопје во површина од 566,41 м2 во вредност од 1.699.241 евра.

[No title]Имотот кој е запленет, бил пренесен на трети лица за да се прикрие неговиот вистински сопственик, соопшти Обвинителството.

Привремените мерки со кои се забранува располагање, заложување и оттуѓување на имотот, согласно закон, може да траат најдолго до завршување на кривичната постапка пред првостепениот суд или да бидат укинати по службена должност.

„Привремените мерки стапија во сила веднаш и заплената на имотот е прибележана во Централниот регистар и Агенцијата за катастар на недвижности – Скопје“, информира Обвинителството.

Случајот „Империја“ го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство, и со него се опфатени Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа и други, коишто се осомничени за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.

Ваквата мерка на обвинителството доаѓа само неколку дена откако Американското министерство за финансии ја прошири црната листа, на која се најдоа имињата на поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски и поранешниот прв човек на тајната полиција, Сашо Мијалков. Американската влада во образложението за Груевски и за Мијалков наведува дека се одлучила на ваков чеков како одговор на нивната вмешаност во значителна корупција. Нивните постапки го поткопале владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси во двете земји и ја нарушиле довербата на јавноста во владите.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Ќе го урнат ли Мицкоски и Мицотакис Преспанскиот договор

Ќе го урнат ли Мицкоски и Мицотакис Преспанскиот договор

Добра волја за пошироко толкување на Преспанскиот договор нема ниту партијата која ќе го предводи …