Во вчерашната полициска акција беа извршени претреси на 20 локации во Скопје, с. Грчец и други места. Од 16 осомничени, уапсени беа шестмина
На петмина од криминалната група од Грчец кои вчера беа уапсени во голема полициска акција им беше изречена мерка 30-дневен притвор, додека за шестиот осомничен изречени се мерки за претпазливост, информираа од Основниот кривичен суд.
„Прифатен е предлогот на ОЈО за организиран криминал и корупција и на: Ш.Б., Ф.Б., Н.И., Ф.С., и С.А. им определи мерка притвор во траење од 30 дена, додека за О.П. го прифати предлотог за определување мерки за претпазливост односно Одземање на патна исправа и забрана за издавање нова, Забрана за напуштање живеалиште односно престојувалиште и Обврска за јавување во суд“, изјавија од судот.
Судот определи и мерка притвор за 10 лица кои се опфатени со истрагата, а во моментов не се достапни на органите за прогон и тоа од нивно пронаоѓање, односно лишување од слобода.
Против овие решенија странките имаат право на жалба до Кривичниот совет на судот.
Во вчерашната полициска акција беа извршени претреси на 20 локации во Скопје, с. Грчец и други места. Од 16 осомничени, уапсени беа шестмина. Дел од пријавените лица подолг период престојуваат надвор од земјава, додека едно лице Р.С. (42) е веќе лишено од слобода во Шпанија.
Меѓународната организирана криминална група била инволвирана во организирање набавка на кокаин од земји од Јужна Америка, а осомничени се и за убиства извршени на територијата на Северна Македонија. Станува збор за три убиства и еден обид за убиство.