Приватна иницијатива за поголем туристички развој на Крушево

Приватна иницијатива за поголем туристички развој на Крушево

Пишува: Сотир Габелоски

На Крушево му претстои уште многу работа во областа на туризмот, но направениот напредок во изминатите две години веќе дава видливи резултати, што е нотирано од различни институции и организации од оваа област.

Со причина велам дека на Крушево, како град, општина, му треба уште труд и работа за да се развие, за да има уште поголем удел во локалниот економски развој. Почнувајќи од самите жители на целата општина, а особено на градот, потоа сите туристички работници, здруженија и организации, како и самата Општина треба да продолжат, па дури и да ја интензивираат својата работа за поголем туристички развој.

Јасно е дека локалната самоуправа не може да биде носител на сите сегменти од областа на туризмот. Примарната задача на Општината е да ја гради и надградува инфраструктурата, итоа не само туристичката инфраструктура. Општина Крушево се соочува со многу елементарни проблеми на граѓаните, на кои мораше активно да работи и да ги разрешува во изминатите две години. И таа примарна задача локалната самоуправа си ја завршува: се градат канализации, водоводи,  патишта, се реконструираат сали, училишни згради, во тек е изградбата на гробното мeсто нa Тоше… За многу краток период и со малку расположливи средства, Општина Крушево се покажа достојна на задачата, во краток период со многу малку средства на располагање. Сепак, да не заборавиме, претстои уште многу работа.

Најдобра илустрација дека Општината не може сама да донесе развој на туризмот во онаа мера која го нуди потенцијалот на самата дестинација на Крушево, е реконструкцијата и пуштањето во употреба на уште еден хотел на крајот од 2018 година и активирањето на скијачкиот центар. Со овие два инфраструктурни зафати направени од страна на еден претприемач, се прошири понудата, се надградија туристичките капацитети и градот, генерално, доби придобивки од промоцијата која овој претприемач ја спроведува за услугите кои ги нуди.

Општината е на врвот на пирамидата и своите задачи од аспект на инфраструктура ги исполнува. Насочена е кон изградба на туристичка инфраструктура и на други гранки кои имаат директен удел во туризмот, како улици, патишта, водоснабдување. Ако Општината ја завршува своја обврска, тогаш како надополнение мора да дојде и приватниот сектор со нудење подобра услуга, подобра промоција, организација на настани и слично. На пример, иницијативата за When in Krusevo која на годишно ниво носи неколку илјади посетители и ноќевања, доаѓа од локал патриоти. Исто така, фестивалот Taste Krusevo доаѓа од средното општинско училиште „Наум Наумовски – Борче“, „Крушево будно“ – организиран од младите и многу други. Заедно со сето ова доаѓа и отворањето нови сместувачки капацитети и надградба на дел од постоечките.

Сето ова покажува дека постојат иницијативи кои ја збогатуваат понудата и придонесуваат Крушево да биде се’ повидлив на туристичката мапа, најмногу во државата. Вакви „импулси“ се потребни и понатаму од страна на приватниот и угостителскиот сектор, а во меѓувреме Општината треба да продолжи со инфраструктурните зафати за да овозможи реализирање на поединечните иницијативи.

Наместо заклучок: Инфраструктурата во Крушево забрзано се гради. Граѓаните добиваат одговор на своите барања и потреби, проектите тековно се реализираат. Паралелно со ова, неопходно е подобрување на капацитетите на угостителскиот сектор, пројавување иницијативи и реализација на активности кои ќе имаат и личен и генерален бенефит за градот.

Прочитајте повеќе

Трошок од 800 илјади евра за дијаспората, зошто гласањето не е онлајн?

Трошок од 800 илјади евра за дијаспората, зошто гласањето не е онлајн?

Дијаспората ќе гласа само на претседателските избори, бидејќи не е исполнет условот за тоа да …