Не паника, туку превенција од коронавирусот

Не паника, туку превенција од коронавирусот

Нема вакцина за коронавирусот, па најдобра заштита од него е превенцијата. Луѓето треба да избегнуваат места со гужви, да кашлаат и киваат во шамивче, да мијат раце откако ќе се ракуваат до друг, да стојат понастрана од тие што кашлаат или киваат. СЗО прогласи глобална вонредна состојба поради коронавирусот, светските научници бараат лек, а Македонија се приклучи кон земјите кои спроведуваат превентивни мерки за спречување на ширењето на оваа зараза.

 

Светската здравствена организација прогласи вонредна состојба на глобално ниво, откако бројот на случаи на заболени со новиот коронавирус се зголеми за повеќе од десет пати за една недела. Додека во Кина секојдневно се зголемува бројката на починати и заразени со коронавирусот, во Македонија здравствените власти апелираат дека нема причина за ризик или паника. Но, следејќи ги препораките од Светската здравствена организација се преземаат превентивни мерки за заштита од овој вирус. Една од тие мерки е скенирањето на патници со термална камера на меѓународниот аеродром во Скопје. Македонија нема директни летови со регионот Вухан во Кина, од кадешто потекна вирусот, но затоа се проверуваат патниците кои во земјата доаѓаат од Истанбул и Дубаи, оти од овие градови има директни летови до кинескиот регион од кадешто се прошири заразата.

Екипа на Радио Слободна Европа беше на аеродромот Скопје кога пристигнаа патници со вечерен лет од Истанбул. Дневно од Истанбул до Скопје има од два до три лета во зависност од денот, а од Дубаи летови има двапати неделно.

Пред скалите од кадешто доаѓаат патниците од Истанбул и Дубаи на аеродромот е поставена термалната камера со која ракуваат екипи од Центарот за јавно здравје. Доктор Сандра Петковска вели дека камерата проверува дали патниците имаат покачена температура.

„Сите оние кои во моментот ќе имаат покачена температура, ќе им биде извршена епидемиолошка анкета, дали биле во контакт со некој пациент или со ризично лице и доколку има потреба ќе се преземат понатамошни мерки“, вели доктор Петковска.

За патниците има и летоци со информации за вирусот и каде да побараат лекарска помош. Доколку има сомнителен патник се носи во собата за изолација која е во близина на термалната камера.

„Сите оние кои нема да покажат покачена телесна температура на оваа прва „борбена зона“, односно пред камерата им се даваат напаствија дека доколку потоа пројават знаци на покачена температура, значи слични на грип, да се јават на Инфективната клиника“, вели доктор Петковска.

Македонските здравствени власти апелираат дека нема простор за паника во земјава од коронавирусот.

„Тоа што го направивме е подготовка за нешто што сè уште немаме видлив и сериозен ризик дека тоа може да се случи кај нас, тоа се голем број заболени од коронавирусот, но го подготвивме целокупниот здравствен систем во однос на кадар, инфраструктура, опрема, како и за точно одредување на локациите коишто, евентуално, би биле потребни за хоспитализирање пациенти. Сакам да кажам дека сме чекор или два понапред и дека сме целосно подготвени да се справиме со овој предизвик, иако ќе повторам далеку сме од тој ризик“, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Од Министерството за здравство апелираат граѓаните да не конзумираат храна направена од болни животни, да се воведе дополнителна заштита при подготовка на храната, а при подготовка на месо и јајца тие убаво термички да се обработат.

Од Министерството потенцираат дека треба да се воведе посебна заштита при работа на отворени пазари односно задолжително да се носат заштитни опрема, ракавици, маски и мантили додека се извршуваат работи со животни или производи од животинско потекло. Здравствените власти апелираат да се избегнува незаштитен контакт со болни, како и незаштитен контакт со домашни или диви животни, задолжително и често да се мијат рацете со сапун, а при кашлање или кивање да се заштити устата и носот со марамче или со дланката.

Пациентите со овој вирус може да поминат и со полесни последици, но тие што се постари, со намален имунитет и пациенти со хронични болести може да поминат и потешко, а не се исклучуваат и смртни последици.

„За овој коронавирус се прават напори СЗО да обезбеди вакцина за наредна една година. Засега не постои вакцина за овој вирус, народот тоа мора да го знае поради тоа што голем дел од нив велат – па и да се разболам ќе ме вакцинираат. Не постои вакцина, превенцијата е најдобра заштита во овој момент“, изјави епидемиологот, доктор Жарко Караџовски.

Од Министерството за надворешни работи соопштија дека во Кина има околу 100 македонски државјани кои таму престојуваат легално, а конзуларното претставништво таму е во постојан контакт со нив. Во Амбасадата на Македонија во Кина не е пријавен ниту еден случај на наш државјанин заболен со коронавирусот. Исто така, нема пријавени наши државјани кои се наоѓаат во пошироката зона со рестриктивни мерки за движење на кои им е потребна помош.

Извор: Радио Слободна Европа

Целиот текст овде

Прочитајте повеќе

Голем руски напад врз украинската енергетска инфраструктура

Голем руски напад врз украинската енергетска инфраструктура

Украинските власти рано утринава (28 ноември) јавија за масовен напад на руските сили врз енергетската …