Со руската вакцина „Спутник В“, вчера во салата „Борис Трајковски“ во Скопје започна масовната вакцинација против ковид-19 на населението во земјата. Министерот за здравство Венко Филипче информира дека на првиот ден во просек се вакцинирале по околу 300 лица на час, или околу 3.000 лица дневно. Во текот на вчерашниот ден, вакцини против ковид-19 примиле дел од здравствените работници, како и еден дел од припадниците на МВР.

Во текот на денешниот ден, на оваа локација ќе продолжи вакцинацијата на МВР, а ќе започне и на припадниците на АРМ. Во оваа фаза, во понатамошните денови ќе бидат вакцинирани и другите лица од т.н. критична инфраструктура – вработени во МВР, АРМ, новинари, возачи на автобуси, пожарникари, воспитувачи во градинки, вработени на патарини и други категории на лица.

„Колегите ме информираат дека целиот систем функционира беспрекорно и тоа многу ме радува. Да бидеме максимално претпазливи во неделите што следат и да ги почитуваме мерките без исклучок“, објави министерот Филипче вчера вечер на Фејсбук.

Според податоците објавени на официјалната веб-страница за вакцинација против ковид-19 на Министерството за здравство, досега во земјава се вакцинирани 12.052 лица против ковид-19, додека на ред чекаат уште 134.501 лице кои пријавиле интерес да бидат имунизирани.

Извор: МЕТА