ученици млади

Професорка со своите ученици ги ставија на хартија симптомите за психолошки абнормалности кај младите

Крвавиот масакр што се случи во белградското училиште „Владислав Рибникар“ ги крена на нозе надлежните во Македонија, како и целата стручна јавност која бара решенија за тоа како да се влијае да се превенираат вакви трагедии. Психолози, психијатри, експерти за физичко и сајбер насилство неодамна беа на состанок во Министерството за образование и наука за да разменат мислења и да кажат што треба системски да се преземе.

Ники Ивановска Котевска, професорка по психологија во скопските гимназии „Георги Димитров“ и во „Никола Карев“, заедно со нејзините ученици, ги ставиле на хартија најважните и најзастапените симптоми и сигнали во однесувањето и чувствата кај децата, кои можат да се препознаат како аларм за појава или присуство на одредена психолошка абнормалност кај нив. Во истражувањето кое го направиле, учествувале 60 родители и 150 средношколци.

„Со оглед на случувањата во соседството но и кај нас, во една ваква ургентна состојба каде е можна брза појава на „домино ефект“ (на што и сведочиме), иако ние постојано на часовите по психологија ги обработуваме и овие теми, заедно со моите ученици од четврта година дојдовме до заклучок дека мора и ургентно да делуваме. Формиравме групи и отворено, со помош на одредени методолошки инструменти кои самите ги создадовме, определивме што точно е потребно да направат наставниците, децата и родителите, за да се зголеми свесноста за менталното здравје“, вели Ивановска Котевска.

Истражувањето и обработка на податоците го направиле за два дена, верувајќи дека ова е состојба во која нема време за чекање и „седење со скрстени раце“.

„Она што како резултат го добивме е дека родителите, наставниците и децата имаат најмногу потреба од препознавање на симптоматологијата на психолошките абнормалности, како и каде да побараат помош при забележување на истите“, вели професорката.

Професорка со своите ученици ги ставија на хартија симптомите за психолошки абнормалности кај младите
Фото: Мета.мк

Според дадените насоки и совети, треба да се реагира ако кај детето се забележи отсуство на желба да излегува и да се дружи, ако има присуство на насилен и навредлив однос со другарите, ако минува прекумерно време во „гејмање“ со другарите. Аларм дека нешто треба да се преземе е и ако ученикот во училиште се изолира или седи само, подалеку од другите, потоа, ако насилно и агресивно се однесува кон другарите, ако има осцилации и промени во расположението.

Во домашни услови пак, родителот треба да внимава ако детето дава отпор да оди на училиште, ако повраќа, има главоболки или болки во стомакот, ако има проблеми со спиење и намален апетит, ако се преоптоварува со училишниот успех и се идентификува со своите оцени. Аларм треба да биде и ако ученикот несоодветно реагира кога ќе добие пониска оценка.

Родителите треба да проверуваат што имаат децата во ранците, какви содржини има на веб-пребарувачите на нивните смартфони, како и контактите со кои децата комуницираат на социјални мрежи.

„Ако родителите забележат некој сигнал, треба да разговараат со детето, внимателно и без осудување да го ислушаат. За помош треба да се обрати родителот кај психолог или матичен лекар, кај наставник, пријател кој би можел да помогне. И да не заборавиме дека најголемата одговорност е токму кај родителите, оти децата се онакви какви што ќе дозволиме да бидат“, наведено е во насоките и советите.

За да се спречат сериозни ситуации, Mинистерството за образование и наука (МОН) неодамна отвори адреси за пријавување насилство во училишта – prijavinasilstvo@mon.gov.mk, односно paraqitdhune@mon.gov.mk како централно место каде може да се пријавува училишно насилство, за да можат институциите веднаш да реагираат и да спречуваат сериозни ситуации.

Антонија Поповска

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

поточиња 2024

Поточиња викендов седум пати ја наполнија Филхармонија

Новото издание на детскиот фестивал Поточиња кое се одржа викендов во Македонска Филхармонија привлече огромен …