аеродром скопје

ГИ ТОЦ: Скопскиот и белградскиот аеродром „центри за нелегални активности“

Криминалните активности на аеродромите во Скопје и Белград вклучуваат криумчарење мигранти и стоки, трговија со луѓе, но и пакети со нелегални дроги и хемиски супстанции

Балканските аеродроми се ранливи на организиран криминал, а аеродромите во Скопје и Белград се регионални центри за недозволени активности, се вели во извештајот на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (ГИ-ТОЦ).

Оваа невладина организација со седиште во Женева, меѓу криминалните активности на аеродромите во Скопје и Белград, ги наведува и криумчарењето мигранти и стоки, трговијата со луѓе, но и пакети со нелегални дроги и хемиски супстанции.

Во извештајот е истакнато оти на аеродромот „Никола Тесла“ во Белград е запленет кокаин кој пристигнува од Латинска Америка, главно од Доминиканската Република, Еквадор, Боливија и Перу.

„Балкан Инсајт“ пишува дека белградскиот аеродром се наоѓа блиску до три европски патни коридори клучни за незаконскиот проток на дрога и луѓе низ Западен Балкан: Е-70 што ја поврзува Хрватска со Романија, Е-75 што ја поврзува Северна Македонија со Унгарија и Е-763 кој ги поврзува Црна Гора и Србија.

Во однос на шверцот на дрога преку Меѓународниот аеродром Скопје, во извештајот се вели дека тука редовно од багажот на патниците се запленуваат главно мали количества дрога за лична потрошувачка или малопродажба.

„Во 2018 година, на пример, царинските службеници пронашле 2 килограми кокаин со малопродажна вредност до 570.000 евра во багажот на венецуелски државјанин кој допатувал од Цирих. Една година подоцна, турски државјанин кој патувал од Виена, пристигнал на скопскиот аеродром и се упатил кон излезот „зелен канал“ за патници кои немаат што да пријават. Но, царинските службеници го избрале за контроли и во неговиот багаж пронашле 10 шишиња со по 10 милилитри масло од хашиш, пластично шише од 1 литар исполнето со масло од хашиш и стаклен сад со 2,1 литар масло од хашиш. Во друг случај, во 2021 година царината заплени 8,01 грам канабис, 3,33 грама хашиш и 18 милилитри масло од хашиш скриени во торба на италијански државјанин“, се вели во извештајот „Catch me if you can“ (Фати ме ако можеш) на ГИ-ТОЦ.

Во февруари 2022 година, турската царина и македонската полиција спроведоа заедничка акција што доведе до откривање на 1,05 килограми 1-фенил-2-пропан – супстанција што може да се користи за производство на амфетамин и метамфетамин вредни 50 милиони евра. Пратката била испратена од Шангај преку Истанбул до Скопје по воздушен пат, а целта била Западна Европа.

Како резултат на тоа, беа уапсени двајца македонски државјани, наводно поврзани со меѓународна организација за трговија со друга.

Во анализата се наведува дека на безбедносниот персонал на скопскиот аеродром им е потребна дополнителна обука за етика, но и повисоки плати и пофункционален систем за следење на перформансите.

Извештаите сугерираат и дека има докази за корупција на балканските аеродроми, кои се движат од ситни мито понуди на персоналот за безбедност, до злоупотреба и лошо управување со јавните средства од страна на високи функционери и менаџери.

Аеродромите на Балканот се појдовни точки за жртвите на трговија со луѓе, кои главно се испраќаат во Западна Европа за сексуална експлоатација.

„Во однос на илегалните мигранти уапсени при пристигнувањето на балканските аеродроми, нивните земји на потекло – како што се Виетнам, Бангладеш, Индија и Пакистан – сугерираат дека овие аеродроми се последниот чекор од протокот и дека постојат шеми за криумчарење мигранти за снабдување на неформалната работна сила во индустрискиот, земјоделскиот и туристичкиот сектор во регионот“, се додава во извештајот.

Проценките на ГИ-ТОЦ биле извршени на аеродромите во Белград и Скопје во периодот од ноември 2022 година до јануари 2023 година, а вклучени биле интервјуа со повеќе од 20 аеродромски експерти, вклучително и претставници на царината, граничната полиција, државната полиција, обвинителствата и приватни безбедносни компании.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Георгиева од ЗЛС

Георгиева од ЗЛС: Во мандатот на Филипче освен плата, приватните специјализанти добија и платени дежурства (ВИДЕО)

Пред 2018 година не постоеше никаков надоместок за приватните специјализанти, значи таа категорија на лекари …