Професорке, животот ќе тече и после 5-ти мај!

Професорке, животот ќе тече и после 5-ти мај!

Пишува: Зоран Милошески

Животот во Република Северна Македонија, каков таков, ќе продолжи и после 5-ти мај. И после вториот круг на претседателските избори ќе зборуваме за тежок живот, за сиромаштија, криза, меѓусебно ќе се оговараме и ќе си ги вадиме очите. Напати ќе имаме “напад“ на оптимизам, па ќе наздравуваме за поубави денови и посреќна иднина, за подобро образование и здравство, поефикасно судство и повисоки плати кои ќе ги задржат младите во државава. Сонцето пак ќе грее, некого повеќе, некого помалку… ама ќе грее.

Многумина од ликовите кои изминативе неколку недели не се симнуваат од телевизиите и социјалните мрежи, после 5-ти мај ќе исчезнат преку ноќ. “Исчезнувањето“ ќе биде највидливо во редовите на поразените. Првите неколку денови малку ќе плачат и ќе се жалат на украдени гласови, на лоша среќа и народ кој не ја разбрал нивната генијалност. И толку. Потоа, ќе ги снема како никогаш и да не постоеле. До некои следни избори.

Но, што со гневот кој го предизвикале? Што со омразата која ја посеале? Што со раздорот кој го причиниле? Или, како и многумина пред нив, и тие ќе играат на картата дека како народ со кратко паметење, заборавот ќе ги прекрие поскоро од што се надеваат?

Фактот дека претседателската трка ја трчаат тројца професори, на многумина им влеа надеж дека овие избори ќе се разликуваат од сите претходни. Ако ништо повеќе, по нивото на дебата и достоинствената кампања која се надевавме дека кандидатите ќе ја водат. Ама не ни било судено…

Не постои дилема дека на секој од тројцата кандидати ќе му најдеме мана. Секому од нив имаме нешто да му забележиме, да не се согласиме со неговите ставови, да го критикуваме, а имаме право дури и да не го сакаме. Колку и да сме аполитични, а не сме, сето тоа е во човековата природа. Меѓутоа, има нешто што е големо, огромно разочарување за секој граѓанин кој има сила да излезе од идеолошката и дневнополитичката патриска матрица и кој има желба работите да ги гледа без розови очила. Тоа “нешто“ има свое име и две презимиња: Гордана Сиљановска-Давкова!

Сѐ до официјалниот избор на Сиљановска-Давкова за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за Претседател на државата, малку кој очекуваше дека нејзината кампања ќе има ваков тек. Од опозицискиот лидер и неговата претседателска кандидатка, “нежната и кршлива“ госпоѓа во поодминати години, граѓаните очекуваа кампања базирана на (само)промовирање на интелектуалните квалитети и вредности. Нејзини, на нејзиниот ментор кој ја избра, на партијата која ја кандидираше. Меѓутоа, надежите дека тоа ќе се случи завршија со првото обраќање на Сиљановска-Давкова од говорницата на партиската конвенција на ВМРО-ДПМНЕ.

Она што потоа следуваше, само ја комплетираше негативната слика за кандидатката која во секој јавен настап потенцира дека е универзитетски професор. Небаре тоа да е гаранција за нејзината компетентност како евентуален иден Претседател. Небаре професијата ја прави подобар човек од тоа што е. Оти, професорката како да заборавила дека исто како што облеката не го прави човекот, уште помалку тоа го чини професијата.

Спротивно на законот, универзитетската професорка изборната кампања ја започна две недели пред законски предвидениот рок. Како тежок аматер, кандидатката на Мицкоски ветува дека со нејзиниот евентуален избор, ќе се залага за работи за кои шефот на државата нема ингеренции. Недоследностите и континуираното менување на ставовите за клучните прашања, станаа вообичаен “фолклор“ во сите нејзини јавни настапи.

На еден митинг Сиљановска-Давкова тврди дека веднаш штом се всели во вилата на Водно, ќе го врати името на државата, за да веќе следниот ден не се согласува со своето вчерашно мислење. Во еден град води кампања како да се кандидира за пратеник, во следното населено место се занимава со комунални проблеми.

Кавадарци или Неготино? Кичево или Кочани? Гафовите на Гордана Сиљановска-Давкова поврзани со дезориентираноста за местото во кое агитира и пропагира, не се нејзиниот најголем грев и хендикеп. Нејзиниот апологетски однос кон врхушката на партијата која ја претставува, слепото прифаќање и најавата за продолжување на погубните политики на “фамилијата“, заради кои државата остана изолирана и надвор од кругот на големото европско семејство, кажува само едно: дека таа не може да биде ништо друго, освен бледа копија на Ѓорге Иванов.

Се разбира, никој не е до толку наивен за да не знае дека во позадина на валканата кампања стои Христијан Мицкоски, со кого пак од пашалакот на Орбан диригира бегалецот-кукавица. Циркузантските настапи на наследникот на Груевски, нескриеното манифестирање одбивност кон албанската етничка заедница како и неговата со ништо не предизвикана агресивност, во ситуација кога политичките субјекти се длабоко закопани во своите партиски ровови, никому ништо добро не можат да му донесат. Освен, се разбира, на членовите на злосторничкото здружување, нивните природни наследници и “браќа по оружје“.

ПС: Не знам дали и кој ќе победи на изборите, ама со сигурност знам дека тоа нема да биде Гордана Сиљановска-Давкова.

Прочитајте повеќе

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Откако Александар Николоски го обвини Венко Филипче дека ја злоупотребува професијата лекар, Филипче му порача …