Промовирано поетското првенче на Марија Симоноска „Ковчеже отворено со стих“

Промовирано поетското првенче на Марија Симоноска „Ковчеже отворено со стих“

Во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, вчера се одржа промоција на книгата поезија на Марија Симоноска, со наслов „Ковчеже отворено со стих“.

Во преполната сала, пред љубителите на пишаниот збор за првенчето на Симоноска зборуваа рецензентите Тодор Алексоски и Снежана Паноска, како и Цеца Видова Трајчева, која заедно со Алексоски е и редактор на книгата.

Обраќајќи се пред присутните, авторот на книгата, Марија Симоноска меѓу другото рече:

„Полесно ми е да пишувам, отколку да зборувам. Благодарност до сите вас кои секојдневно ме поддржувате. Без вас моето пишување не би имало смисла, затоа што авторот е бесцелен ако не биде читан – исто како да не постои. Мојата порака во „Ковчежето…“, е дека секој нов ден значи нов почеток. Дека денот, баш секој ден, треба да го почнуваме со трите најважни нешта, како три наши водилки: надежта, љубовта и вербата во самите себе. Времето е најскапоценото нешто, а денес вие ми го дадовте токму тоа“.

Стихови од книгата поезија „Ковчеже отворено со стих“ читаше актерот Игор Трпче, кој воедно беше и промотор на книгата.

 

Мигови

Мигови кога не ги бараш,
не ги очекуваш,
не ги мислиш,
ете, тогаш ќе се случат.

Од нигде – никаде
ќе се појават,
ќе наминат.

Такви мигови,
токму за момент
очи и поглед ќе свртат,
устата да се отвори,
умот да се расветли,
за миг бистрина ќе видиш,
маглина ќе замине.

Има такви мигови,
такви што за миг идат,
додека да трепнеш
и не помислиш…

Ете, идат…
тогаш кога не ги мислиш,
тогаш кога не ги бараш…
 

Автор: Марија Симоноска

Прочитајте повеќе

Приказна за островот, црквата, иконата и гобленот со исто име – „Богородица од карпата“

Пишува: Зоран Милошески „Госпа од шкрпјела“, или „Богородица од карпата“ е единствениот вештачки остров во …