Во Владата на Република Македонија денеска се одржа првата од серијата дебати во рамките на јавната расправа за нацрт амандманите за уставни измени.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев се заблагодари за големиот број присутни и за нагласениот интерес за вклучување во јавната расправа за прашањата што се отворија во Собранието и во јавноста во досегашниот процес на уставни измени.

Премиерот Заев потсети дека овој процес е резултат на Договорот од Преспа меѓу Република Македонија и Република Грција, и дека со него и со уставните измени за нашата земја се отвораат перспективите за нашето членство во ЕУ и НАТО.

Во своето обраќање на дебатата во Владата, на која учествуваа претставници на академската и експертската јавност, како и претставници од граѓанскиот сектор, премиерот Заев истакна дека и овој процес, од посебен интерес за иднината за нашата земја, се спроведува и организираме со максимална инклузивност и подготвеност за прифаќање на секое разумно и рационално дополнување и усовршување во духот на Договорот од Преспа.

Потоа премиерот Заев се задржа на текстовите на досега усвоените четири нацрт амандмани низ собранискиот процес и со посебно внимание се задржа на најважните најконструктивни предлози што дојдоа од пратениците во Собранието на Република Македонија.

Претседателот на Владата на РМ Заев издвои дел од тие предлози и сугестии како што се прашањето дали како уставно решение да се набројат сите одлуки од Првото заседание на АСНОМ, како правни решенија на кои се темели на нашата државност, или пак да бидат собрани во еден уставно-правен израз како конститутивни документи на нашата државност.

Како предлог за кој треба да се размислува, премиерот Заев го спомена и предлогот од собраниската говорница со кој се предлага да се наведе дека Република Македонија освен за грижата за македонскиот народ во дијаспората, се грижи и за дијаспората на другите етнички заедници.

Во своето излагање, како потврда на посветеноста на Владата како овластен предлагач на уставните измени, премиерот Заев укажа и на можноста да се дообјасни и прифати и сугестијата од парламентарната говорница со која се зајакнува македонскиот идентитет со предлогот во 36-тиот амандман, односно Членот 49 од Уставот да биде дополнет со реченица која ќе нагласи дека Република Македонија ги штити и негува особеностите на македонската заедница.

Претседателот на Владата на РМ Заев уште еднаш потенцираше дека од оваа јавна расправа очекува дополнувања и усовршувања, како и нови предлози во духот на Договорот од Преспа, и информираше дека Владата е во постојан контакт и со грчката страна за да се одржи комуникацијата и довербата и во оваа фаза.

Процесот на уставните измени треба да заврши со усвојување на  предложените амандмани после јавната расправа и со Одлука за измена на Уставот што ќе ја донесе Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

„Уверен сум дека процесот ќе го затвориме во рамките на договореното и онака како што ќе пишува во одлуката за донесување на уставните измени во Законот за Уставни измени, односно дека амандманите се составен дел на Уставот на Република Македонија и ќе влезат во сила со денот на влегување во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО од страна на Република Грција“, нагласи премиерот Заев, и уште еднаш потенцираше дека измените на Уставот ќе важат ОТКАКО Грција ќе ги спроведе своите обврски, односно кога, во ист ден, ќе ги ратификува Конечната спогодба за решавање на спорот со името и Протоколот за нашето членство во НАТО.

„Ова е дополнителна заштита за нас. Доколку Грција не ги исполни своите обврски, тогаш нема да важат измените на Уставот. Ова е гаранцијата што беше побарана и од собраниската говорница кога се одлучуваше дали да се отвори овој процес, и што за нас беше апсолутно прифатлива“, рече премиерот Заев во своето воведно обраќање.

Во продолжение на дебатата, збор зедоа професорите на Правниот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, д-р Љубомир Фрчкоски и д-р Владо Поповски.

Професорот Фрчкоски на почетокот од своето експозе истакна дека предложените уставни измени се од интерес на граѓаните и дека не го загрозуваат граѓанскиот концепт на Уставот на РМ.

Исто така, според Фрчкоски, предложените уставни измени и амандмани се прифатливи и од аспект на идентитетските одредници утврдени во Уставот, и дека  сите предложени решенија се во рамките на уставно-правниот јазик.

Професорот Фрчкоски потоа се задржа на дел од предложените нацрт амандмани и укажа на можностите во кои делови тие можат да бидат допрецизирани или изменети.

Во своето обраќање на оваа јавна расправа за уставните измени во Владата на РМ, професорот Владо Поповски истакна дека дебатата создава добра основа за креирање и имплементирање на најдобрите решенија за утврдување на конечните амандмани и дека е исклучително значаен придонес за основната цела заради која се носат уставните измени.

Тој нагласи дека ќе се задржи на преамбулата на Уставот како исходиште за државноста и нејзините специфики, и како историско политичка традиција врз основа на кои се гради духот на овој највисок државен конститутивен правен и политички акт, понуди текст за преамбулата која, според него, ги прецизира новите измени и го одразува духот на новата реалност произлезена со Договорот од Преспа.

Во дебатата што продолжи потоа зедоа учество голем број учесници кои се осврнаа на повеќе различни аспекти на целиот процес, како и на одделните нацрт амандмани со конструктивни забелешки и предлози.

Доминираа ставовите дека нацрт амандманите за уставните измени се добра основа целиот процес, со вклучените сугестии, да се заокружи во Собранието на Република Македонија, и дека постојано предвид треба да се има основната цел заради која се покрена решавањето на долгогодишниот спор со Грција – имплементација на Договорот со Грција со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.

Во таа насока, првата отворена јавна расправа за нацрт амандманите за уставни измени во Владата на РМ, премиерот Заев ја заврши со потсетување дека Владата има обврска забелешките, сугестиите и предлозите по нацрт амандманите на Уставот на граѓаните, на политичките партии, здруженија на граѓани, на органи и организации, како и на другите учесници во расправата, два дена после јавната расправа, да ги сумира и на Собранието да му достави извештај за резултатите од јавната дискусија и Текст на предлогот на амандманите.