Прва половина на „Војдан Чернодрински“: Фестивалот во полн сјај, струмичани најпријатно изненадување

Пишува: Зоран Милошески

Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, неговото 54 издание, влезе во втората половина. Заклучно со вечерашната претстава, театарската публика имаше можност да види пет, од вкупно осумте претстави во официјалната програма.

Покрај нив, вниманието го привлекуваат и претставите во придружната програма, трибините, промоциите на театарска и театролошка литература, фестивалскиот билтен, прекрасното музичко доживување со концертот на Влатко Стефановски и, после долги години, враќањето на „тркалезните маси“.

Публиката присуствуваше на неколку одлични уметнички остварувања на домашните театри, а со оглед на претставите во конкуренција за награди кои ќе се случат во следните три денови, уште отсега може да се каже дека ова издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, ќе биде исклучително квалитетно. Без намера да фаворизираме било која претстава, уште повеќе ако се има предвид дека дел од претставите кои пред почетокот на фестивалот важеа за фаворити допрва треба да бидат прикажани, сепак она што треба и мора да се истакне како големо и пријатно изненадување, беше настапот на струмичкиот театар „Антон Панов“, со претставата „Животинска фарма“.

Не е ова само субјективно видување на потписникот на овие редови, туку тоа го кажа и публиката која ја проследи претставата и која преку своето гласање, го кажа истото. Фактот дека претставата ја доби просечната оцена 4.02, кажува дека после долги години, во струмичкиот театар “дуваат“ некои нови ветрови, кои на површина изнесоа многу млади актери, чиј приказ на делото на Џорџ Орвел публиката го награди со силен и долг аплауз. Освен одличната колективна игра на целиот ансамбл, претставата ја карактеризираше и одличната режија на Љупчо Ѓорѓиевски, автентичната сценографија, како и прекрасната музика на Марјан Нечак.

До крајот на 54.МТФ „Војдан Чернодрински“, публиката ќе види уште три претстави во конкуренција: „Пиреј“ на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, „На отворено“ со скопскиот Театар Комедија и претставата на Драмски театар „Странци“.

Наградите на најдобрите ќе им бидат доделени во сабота, 15 јуни кога во чест на наградените МНТ ќе ја прикаже претставата „Силјан Штркот Шанца“.

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …