Пуштена во продажба контроверзната книга на принцот Хари

Пуштена во продажба контроверзната книга на принцот Хари

Откако официјално беа пуштени во продажба мемоарите на принцот Хари, книжарниците во Лондон ги отворија своите врати ноќеска на полноќ за да ја задоволат побарувачката. Обожавателите во редици чекаа да ја купат книгата и да ја слушнат приказната, како што велат, „од изворот“. Денешното пуштање во продажба на „Spare“ следи по хаотичните протекувања на копии од книгата, кои станаа достапни во Шпанија минатата недела, пишува Би-би-си.

Книгата денеска е објавена низ целиот свет на 16 јазици, а мемоарите веќе се на врвот на најпродавани книги на „Амазон“ во Велика Британија, по неколкудневните обелоденувања на главните наслови, почнувајќи од тоа како принцот Хари ја загубил невиноста, до тврдењата дека бил нападнат од неговиот брат, принцот Вилијам.

Како што јавуваат медиумите, мемоарите ги откриваат конфликтите и личните тензии во кралските палати и ја прикажуваат верзијата на принцот Хари за подемите и падовите на британското кралско семејство.

Досега Бакингемската палата (резиденцијата на монархот, кралот Чарлс) и Кенсингтонската палата (резиденцијата на престолонаследникот, принцот од Велс, Вилијам – постариот брат на Хари) не реагираа на објавените мемоари.

Во книгата, принцот Хари вели дека го молел својот татко да не се жени повторно, дека убил 25 талибански борци додека служел во Авганистан и дека земал психоделични лекови, делумно поради панични напади.

Главна тема во книгата е чувството на неразрешена тага за загубата на неговата мајка, принцезата Дијана, за што Хари вели дека имал „повреда од посттрауматски стрес“.

Принцот Хари пишува и дека за смртта на покојната кралица Елизабета дознал од интернет-страницата на Би-би-си, а не од неговото семејство.

Откритијата за тензиите со кралското семејство, вклучително и со Камила, кралицата-сопруга и Принцот и Принцезата од Велс, предизвикаа многу контроверзии.

Би-би-си јавува дека анкетата на јавното мислење од „YouGov“, објавена во понеделникот, покажала првично намалување на популарноста на принцот Хари во Обединетото Кралство. Околу 64 отсто од луѓето имале негативен став за него, во споредба со 26 отсто кои имале позитивно мислење за принцот Хари.

Иако генерално поддршката за него опаѓа, најновите бројки покажале поголема поддршка кај младите луѓе на возраст од 18 до 24 години, каде ставовите меѓу оние со позитивни и негативни ставови за принцот Хари биле речиси изедначени.

Прочитајте повеќе

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Компилациската плоча содржи песни од млади современи македонски поп артисти и беше еден од последните …