Путин го отповика указот за поддршка на суверенитетот на Молдавија во спорот со Транснистрија

Отповиканиот указ од 2012 година ја обврзуваше Русија да бара начини за решавање на сепаратистичкото прашање за регионот Транснистрија (Придњестровје) врз основа на почитувањето на суверенитетот, територијалниот интегритет и неутралноста на Молдавија.

Рускиот претседател Владимир Путин го отповика указот од 2012 година, со кој Русија делумно го поддржа суверенитетот на Молдавија во решавањето на иднината на отцепениот проруски регион Транснистрија (Придњестровје), пишува Јуроактив. Рускиот указ беше донесен во период кога официјална Москва презеде чекори за да ги затопли односите со САД и ЕУ.

Одлуката на Путин за отповикување на указот од 2012 година беше објавена на веб-страницата на Кремљ, при што се наведува дека таа е донесена за „да се осигураат националните интереси на Русија во врска со длабоките промени што се случуваат во меѓународните односи“.

Регионот Придњестровје се отцепи од Молдавија во 1990 година, а на ваквата одлука ѝ следеше кратката војна меѓу молдавските власти и самопрогласените власти во регионот каде што има голем процент на руско и украинско население. По конфликтот, Русија испрати „мировна мисија“ во Придњестровје, при што руските војници се наоѓаат во овој регион до денешен ден.

Ескалирачкиот чекор што го презема официјална Москва следи откако молдавскиот парламент минатата недела го изгласа новиот, прозападен премиер на Молдавија, кој вети дека неговата земја ќе го продолжи патот кон зачленување во ЕУ. Русија го обвини молдавското раководство дека спроведува антируска агенда и дека односите меѓу Русија и Молдавија биле многу напнати.

Молдавија е една од најсиромашните европски земји и не е членка на НАТО. Американскиот претседател Џо Бајден за време на својата европска турнеја по повод годишнината од почетокот на руската инвазија врз Украина ја потврди одлучноста да им помогне на источноевропските земји што се загрижени за одржување на нивната независност.

„Претседателот Бајден ја потврди силната поддршка на САД за суверенитетот и територијалниот интегритет на Молдавија, на неговиот состанок со молдавската претседателка Маја Санду“, се вели во соопштението на Белата куќа.

Инаку, отповиканиот указ од 2012 година ја обврзуваше Русија да бара начини за решавање на сепаратистичкото прашање за регионот Придњестровје врз основа на почитувањето на суверенитетот, територијалниот интегритет и неутралноста на Молдавија.

Прочитајте повеќе

Аналена Бербок

Бербок повика на силна поддршка за Балканот на патот кон ЕУ

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок повика на силна поддршка за земјите од Западен …