Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот и во светот.

Познатиот сервис за проверка на фактите polygraph.info се посвети на едно тврдење на рускиот претседател Владимир Путин, искажано во колумна објавена на 18 јуни од американското списание за надворешна политика „The National Interest“.

„Не е правично да се тврди дека дводневната посета на Москва од нацистичкиот министер за надворешни работи Рибентроп била главната причина за почетокот на Втората светска војна. Сите водечки земји се во одредена мерка одговорни за нејзиното избувнување“, гласи тврдењето на Путин.

Како што нагласува polygraph.info, со тоа Путин тврди дека договорите меѓу нацистичка Германија и Велика Британија и Франција се поголема причина за избувнувањето на Втората светска војна од пактот меѓу Советскиот сојуз и нацистичка Германија, со кој Полска е поделена на два дела.

Можеби сето ова изгледа како небитна работа по три децении од распадот на Советскиот сојуз, но Путин засилено настапува со одбранбени ставови од септември минатата година, кога ЕУ усвои строго критична резолуција по повод 80 години од почетокот на Втората светска војна. Оваа резолуција, меѓу другото, ја осудува Русија „за умислено прикривање на злосторствата извршени од Советскиот тоталитаристички режим“ и напоменува дека уште стојат споменици „што глорифицираат тоталитаристички режими“ во некои земји-членки на ЕУ (главно поранешни членки на Варшавскиот пакт). Голем број такви споменици се подигнати во чест на војниците на Црвената армија коишто загинале напредувајќи кон Берлин во 1944-45 година.

Пактот на Советскиот сојуз и на нацистичка Германија, договорен во август 1939 година од министерот на СССР, Вјачеслав Молотов, и неговиот германски колега Јоаким фон Рибентроп во основа е договор двете земји да си ја поделат Полска и претходи на инвазијата на Полска од страна на нацистичка Германија – две седмици откако бил потпишан овој договор.

Инвазијата почнува на 1 септември 1939 година, а само два дена подоцна Франција и Велика Британија ѝ објавија војна на Германија, а овој датум историчарите го сметаат за почеток на Втората светска војна.

Во својата колумна, Владимир Путин по погоре наведениот цитат, продолжува: „…Секоја од овие земји направи фатални грешки, арогантно верувајќи дека може да ги надмудрат другите, да си обезбедат унилатерална предност за себе или останат настрана од претстоечката светска катастрофа“.

Овој став е манипулативен, пишува познатиот сервис за проверка на фактите polygraph.info.

Путин тврди дека претходен дипломатски договор всушност изиграл поголема улога за започнувањето на најсмртоносната војна во светската историја, со околу 60 милиони жртви – војници и цивили. Во овојаа бројка се вклучени и 24 милиони жртви од Советскиот сојуз, на чие чело тогаш бил Јосиф Висарионович Сталин.

Договорот за кој пишува Путин е Минхенскиот договор од 1938 година. Во оваа година, Хитлер агитирал за Германците од западниот дел на Чехословачка, познат како Судетските земји. Германија во март истата година веќе ја анектирала Австрија и почнала со антисемитските мерки. За да се спречи поширок конфликт, водачите на Велика Британија, Франција и Италија се сретнале со Хитлер во Минхен во септември и се согласиле Германија да ги анектира Судетските земји. Потоа во март 1939 година Хитлер го прекршува овој пак и ја окупира цела Чехословачка.

Путиновото претставување на историјата става акцент на „Минхенското предавство“, но неговото значење е далеку од она на пактот меѓу Советскиот сојуз и Германија склучен следната година, тврди polygraph.info. Договорот Молотов-Рибентроп вклучува и тајни клаузули за поделба на Централна и Источна Европа помеѓу Третиот рајх и Советскиот сојуз. Тој има огромно влијание за европските граници со децении по војната. И додека „Минхенското предавство“ на часовите по историја на учениците на Западот им се предава како пример за смирување на диктаторите, во Русија самото изнесување на фактите за пактот Молотов-Рибентроп може да донесе кривична пријава.

Во август минатата година, polygraph.info aнализирал еден помалку дискутиран, но клучен сегмент на палтот Молотов-Рибентроп, односно голема економска помош за Германија од Советскиот сојуз која пристигнувала сè  до денот на инвазијата на нацистичка Германија врз СССР, на 22 јуни 1941 година. Помошта главно се состоела во нафта и суровини.

Дополнително, колумната на Путин исто така се обидува да ја претстави во розова светлина на окупацијата од Советскиот сојуз на балтичките држави Литванија, Латвија (Летонија) и Естонија, кои остануваат дел од СССР се до распаѓањето во 1991 година.

„Есента 1939 година, Советскиот сојуз остварувајќи ги своите стратешки воени и одбранбени цели, го почна процесот на приклучување на Летонија, Литванија и Естонија“. Нивното пристапување кон СССР беше реализирано на договорна основа, со согласност на избраните власти. Тоа беше во склад со меѓународните и државните закони во тоа време“, пишува Путин.

Но ова тврдење воопшто не го одразува фактот дека трите балтички земји веќе биле под советска окупација во времето кога нивните „избрани власти“ наводно се согласиле да бидат анектирани од Советскиот сојуз, пишува сервисот за борба против дезинформациите, посочувајќи ги и реакциите на актуелните власти на овие три држави на ваквите тврдења на Путин.

Уште едно нешто што Путин заборава да го спомене е масакрот во Катинската Шума, кога во 1940 година, Советскиот сојуз ѕверски погубил околу 20.000 полски затвореници, најголемиот дел од нив полски офицери и подофицери заробени при советската инвазија на источна Полска две недели откако Германија изврши окупација на таа земја од запад.

Целиот текст може да се види тука.

Извор: МЕТА