„Разделба“ не значи независност, туку крај на Република Српска, според амбасадата на САД во БиХ

„Разделба“ не значи независност, туку крај на Република Српска, според амбасадата на САД во БиХ

„Разделба“ од Република Српска(РС) не значи независност на РС или крај на Босна и Херцеговина(БиХ), туку крај на Република Српска, соопшти амбасадата на Соединетите Американски Држави(САД) во БиХ, еден ден откако властите на тој ентитет најавија дека ќе и предложат „мирна разделба“ со другиот босанскохерцеговски ентитет, Федерацијата на Босна и Херцеговина.

Во објава на мрежата Икс (поранешен Твитер), амбасадата на САД соопшти дека овие планови значат отцепување и дека тоа е „опасна, неодговорна, антидејтонска акција која го става територијалниот интегритет, суверенитет и мултиетничкиот карактер на Босна и Херцеговина во ризик“.

Амбасадата на САД посочи дека тоа се клучните интереси на САД и дека ќе ги бранат и штитат, меѓу другото, „со тоа што ќе одговараат на оние кои ги изложуваат на ризик“.

Тие посочуваат дека властите на РС одлуката ја објаснуваат со „група лаги и дезинформации дизајнирани да ја исплашат јавноста“.

„Не постои меѓународен заговор за укинување на РС, а господинот Додик (Милорад, претседател на РС) не може да издвои ниту една изјава на ниту еден американски функционер кој повикува на укинување на РС“, се вели во соопштението.

Од амбасадата на САД додаваат дека „БиХ не е унија на два ентитета“.

„Како што е изрично наведено во Дејтонскиот мировен договор и во Уставот на Босна и Херцеговина, Босна и Херцеговина е држава наследник на Република Босна и Херцеговина. Уставот на Босна и Херцеговина не дава право на отцепување или „разделба“ ниту на ентитетите ниту на која било пониска административна единица. РС може да постои само во рамките на Босна и Херцеговина“, се вели во објавата.

Според американската амбасада во БиХ, активностите на Додик „ја ставаат во опасност иднината во евроатлантските институции што ја сакаат граѓаните на Босна и Херцеговина, вклучително и РС“, и дека патот што тој го предлага „ќе обезбеди граѓаните на РС, нивните деца и внуците да немаат мирен, просперитетен живот во демократијата каков што заслужуваат“.

Владата на Република Српска (РС) по седницата одржана во четвртокот на 23 мај најави дека во следните 30 дена ќе состави договор кој ќе му биде испратен на другиот босанскохерцеговски ентитет, Федерацијата на Босна и Херцеговина, а кој ќе се однесува на „мирна разделба“ во Босна и Херцеговина.

„Ова не е отцепување, мирната разделба не е отцепување, уставно загарантираното право е мирното раздружување. Ние ќе понудиме разделба, бидејќи ако не сметате за геноциден народ, што не сме, тогаш не мораме да живееме заедно“, рече премиерот на РС, Радован Вишковиќ.

На седницата на Владата присуствуваше и претседателот на ентитетот Милорад Додик, кој на прес-конференција рече дека за ваквата одлука ќе побара поддршка од раководството на Србија.

Седницата се одржа во пресрет на Генералното собрание на Обединетите нации, каде беше усвоена Резолуцијата за Сребреница, со која се осудува негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници.

Властите во РС, како и во соседна Србија, не признаваат дека во тој град се случил геноцид во јули 1995 година и велат дека тоа е „страшно злосторство“.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Олимпијада 2024: 10.500 спортисти и 300.000 кондоми

Олимпијада 2024: 10.500 спортисти и 300.000 кондоми

Во следните три недели Париз ќе биде домаќин на Олимписките игри 2024. Ви нудиме одговори …