Ликовни уметници на платно ќе доловуваат мотиви од исконскиот амбиент на живописното делчевско село Разловци, во рамките на ликовната колонија „Разловци на платно“ организирана во рамките на одбележувањето на 143-годишнината од Разловечкото востание.
Познатите ликовни уметници од Делчево, Петар Атанасов –Пепи, Александар Белогаски, како и младите Ели Енѓовска и Ангела Ефтимова, денеска во селото Разловци го започнаа своето творештво.
Директорот на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, Методи Толевски, истакна дека мотивот за цртање кај учесниците ќе биде црпен од посебната архитектура на традиционални куќи од село Разловци, но и од самата природа која го опркружува, како и сцени од славното Разловечко востание, поради што и колонијата го носи името „Разловци на платно“.
-Оваа колонија има двојна цел. Прва и основна е да се обедини талентот и искуството, да ги мотивира младите талентирани уметници, во соработка со веќе докажани ликовни творци од нашата општина и да ги охрабри својот ликовен талент да го афирмираат на еден повисок степен. А втората е да го збогатиме настанот со ликовни дела кои ќе останат како сведоштво за нашата почит кон Разловечкото востание, истакна Толевски.
Настанот е во организација на Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ поддржан од Минситерството за култура за култура, а во партнерство со Општина Делчево.
Ликовните дела кои ќе бидат продукт на оваа колонија ќе бидат изложени на централната прослава „143 години од Разловечкото востание“ што ќе се одржи в недела на 19 мај, за кога е поредвидена и реализација на Планинарски марш, како и богата културно-уметничка програма.