Репортери без граници: С.Македонија лидер според слободата на медиуми во Западен Балкан [инфографик]

Репортери без граници: С.Македонија лидер според слободата на медиуми во Западен Балкан [инфографик]

Покрај најдоброто рангирање на С.Македонија во споредба со земјите во регионот за годинава, Глобалниот индекс на слободата на медиуми за 2023 година покажува дека ова е убедливо најдоброто рангирање на земјава во изминатава деценија.

С.Македонија годинава се наоѓа на 38-то место на Глобалниот индекс на слободата на медиуми за 2023 година на Репортери без граници. Во споредба со минатата година, нашата земја бележи скок од 19 места на светската листа, при што на рангирањето за 2023 година сме најдобри во целиот регион на Западен Балкан. Кога станува збор за слободата на медиуми, ова е убедливо најдоброто рангирање на С.Македонија во изминатава деценија.

„Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, нашироко распространетите мисинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Понатаму, владините функционери се со тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“, се наведува во освртот за С.Македонија на Репортери без граници.

Во делот на медиумскиот пејзаж во С.Македонија, од Репортери без граници констатираат дека телевизијата останува доминантен извор на информации, иако онлајн медиумите играат голема улога во земјава. Сепак, кај телевизијата постои голем јаз, бидејќи најгледаните телевизиски станици имаат низок индекс на доверба. Исто така, Репортери без граници ја потенцира разликата помеѓу професионални онлајн редакции и поединечни портали кои шират плагијат и неоригинална содржина.

Кај политичкиот контекст, Репортери без граници констатира дека целокупната средина останува поволна за слободата на печатот и дозволува критичко известување, иако транспарентноста на институциите е прилично слаба.

„Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат подложени на притисок од страна на властите, политичарите и бизнисмените. Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност“, наведуваат од Репортери без граници.

Кај правната рамка, иако уставот ја гарантира слободата на говорот и забранува цензура, Репортери без граници посочува дека земјава заостанува во однос на усогласувањето на медиумското законодавство со стандардите на Европската унија, на која има намера да се приклучи.

„Судската злоупотреба на Законот за граѓанска одговорност за клевета поттикнува самоцензура во медиумите. Тужбите се користат како алатка за заплашување и притисок врз независните медиуми. Предлог-законот за повторно овластување на владата да се рекламира во приватните медиуми предизвика загриженост за можно ширење на влијание“, се наведува во освртот за земјава.

Репортери без граници додаваат дека иако одредени видови на медиумска концентрација се забранети со закон, редакциите на некои од главните телевизиски канали се изложени на економски притисоци од нивните сопственици.

„Државното финансирање е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донаторите. Странските грантови засновани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој“, наведуваат од Репортери без граници, додавајќи дека постои некаква форма на поврзаност помеѓу маркетиншки агенции и одредени медиумски куќи.

Од Репортери без граници укажуваат дека социјалните мрежи и дигиталната сфера во С.Македонија генерално го фаворизираат ширењето на дезинформации и сајбер-закани. Во комбинација со ниските професионални стандарди, дезинформациите и сајбер-заканите придонесуваат за пад на довербата на јавноста во медиумите и го отвораат патот за напади врз новинари врз основа на полови, етнички или верски критериуми.

„Новинарите редовно се мета на вербални напади. Под изговор за заштита на државните тајни и личните податоци, тие може да бидат изложени на правен притисок и навредливо гонење“, потенцираат од Репортери без граници во делот на безбедноста на новинарите. Оттаму потенцираат дека сепак, судовите имаат тенденција да ја поддржуваат слободата на печатот и да ги штитат новинарите.

Во главниот град, посочуваат од Репортери без граници, беше назначен специјален обвинител кој ќе ги води случаите на напади врз новинари, а се разгледува и отворањето на слични канцеларии низ целата земја.

Покрај најдоброто рангирање на С.Македонија во споредба со земјите во регионот, Глобалниот индекс на слободата на медиуми за 2023 година посочува дека Црна Гора  се наоѓа на 39-то место, Косово е на 58-то место, Босна и Херцеговина 64-то место, Србија е на 91-то место, а Албанија на 96-то место. Од балканските земји кои се членки на ЕУ, Хрватска е позиционирана на 42-то место, Бугарија е на 71-то место, а Грција на 107-то место.

Прочитајте повеќе

Владата подготвува закон, Унгарците „во прашалници“ за милијардата од Орбан за Мицкоски

Владата подготвува закон, Унгарците „во прашалници“ за милијардата од Орбан за Мицкоски

Премиерот Мицкоски најави 250 милиони евра од кредит од Унгарија за бизнисот, македонските стопанственици го …