Ерол Ризаов

Ризаов: Видела жабата како се потковува коњот…

Еуфоричното изедначување на демохристијанската конзервативна политика и идеологија на Орбан и Вучиќ со политиките на ВМРО-ДПМНЕ е идеалот на македонската револуционерна партија и нејзините следбеници.

Пишува: Ерол Ризаов

Изливите на радост и среќа на Христијан Мицкоски и Александар Николоски за големите и спектакуларни изборни победи на премиерот Виктор Орбан и на претседателот Александар Вучиќво Унгарија и во Србија што ни ги испратија „жизне“ радосни од Будимпешта, ми заличија на народната поговорка „Видела жабата како се потковува коњот, па и таа кренала нога.“ Еуфоричното изедначување на демохристијанската конзервативна политика и идеологија на пријателите на Македонија, Орбан и Вучиќ, со политиките на ВМРО-ДПМНЕ е идеалот на македонската револуционерна партија и на нејзините следбеници.

Политиките на ВМРО-ДПМНЕ се далеку од демохристијанската иделогија на европските народни партии, дури и полоши од авторитарното владеење на Орбан и на Вучиќ и аномалиите на политичките партии Фидес и СНС во Унгарија и Србија, еднакво далеку колку и оддалеченоста на СДСМ од европската социјалдемократија. Исто толкава е оддалеченоста на нашите тазе озеленети етнички екологисти во ДУИ и албанските опозициски партии кои екологијата и демократијата ја мерат според силината на етничката припадност.

Кога конзервативната авторитарна политика станува иднина

Кажано попрецизно, македонските политички партии немаат речиси никаква идеологија, освен примитивниот дневно политички популизам што е подалеку и од најголемите отстапувања од своите иделогии на европските политички партии на десницата, центарот, левицата и зелените.

Вознесот на Христијан Мицкоски и на Алаксандар Николоски од успехот на премиерот Виктор Орбан доаѓа од неговите „инвестиции“ во односите со земјите во таканаречениот Западен Балкан. Орбан во својот говор, заблагодарувајќи се на сојузниците на неговата партија во странство, истакна: „Тоа не е само наша победа. Целиот свет може да види дека демохристијанската конезервативна политика не е минато. Тоа е иднина. “

Ете, во таа иднина, а не во западноевропските вредности се видоа и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, поканети гости на прославата во Будимпешта на големата изборна победа на Орбан и неговата партија која го доби четвртиот последователен манадат. Но, она што не го видоа, или поточно кажано што не сакаа да го видат нашите маскирани демохристијани се фактите што Унгарија е 25 години членка на НАТО и 18 години членка на ЕУ, иако по многу нешта со проблематична демократија и уште попроблематично владеење на правото, но со импозантен економски раст и брз развој.

Споредбата на 12-годишното владеење на Виктор Орбан и Фидес и 11-годишното на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ во остварување на стратегиските интереси на Македонија и на Унгарија во намала рака е непристојно, бидејќи едноставно е неспоредливо по сите основи.

Прво скокни, па речи оп

На пример, првата лекција која треба да ја научат нашите лажни демохристијани од унгарските и не само од унгарските, е прво скокни, па речи оп. Со други зборови, прво стани членка на ЕУ, седни на заедничката маса, искористи ги правилно придобивките и привилегиите што ги нуди Брисел, обезбеди побрз развој на својата земја и повисок стандард на своите граѓани, или како што милуваат да кажат лидерите на народните партии – на својот народ, па потоа сразмерно на твојата моќ и значење можеш да поставиш и одредени услови и несогласувања со политиките на стара Европа, со нивниот егоизам и лицемерие, како што тоа го прави премиерот Орбан.

Што направи ВМРО-ДПМНЕ во своето 11-годишно последователно владеење, колку научи и примени од првата лекција? Ништо позначајно. А, сега, како опозиција, што прави ВМРО-ДПМНЕ задскриена зад демохристијанската конзервативна идеологија на иднината и лажниот патриотизам? Пак ништо корисно за државните интереси. Прво проповедаше поништување на Преспанскиот договор порди национално предавство, потоа негова ревизија и подобрување, за на крајот немушто да ја прифатат реалноста на „предавничкиот“ договор со Грција.

Заговараа бојкот на пописот, за по неговото спроведување со доцнење од 20 години жестоко да критикуваат каде исчезнаа Македонците, токму тие Македонци кои ја послушаа својата партија и не се попишаа.

Како што ќе прават нов договор со Грција, така во најблиска иднина, штом ја освојат власта, ќе направат и нов електронски попис, испонувајќи ги заложбите на сите незадоволни и разочарани од пописот. Така ќе ја добиеме вистинската посакувана бројка на граѓани кои живеат во Македонија – некаде над пет милиони Македонци, Албанци, Бугари, Турци, Роми Власи, Срби, Бошњаци и други. И уште толку во дијаспората. Секому според потребите и проценките на партиските штабови. Колку и да звучи саркастично, ако пописот се прави според очекувањата, а не според реалната состојба, тогаш резулатите би биле поголеми од сарказмот.

На преговорите со Бугарија за симнување на ветото и отпочнување на преговорите со ЕУ секој ден пукаат од заседа бранејќи ги националните интереси и историското минато, не од Бугарите, туку од Македонците. Притоа немаат одговор на најлогичното прашање – како е извршено предавството и со Бугарија, а ветото сѐ уште стои. И за овој навистина тежок проблем голема е веројатноста дека со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт ќе се најде многу бргу електронско решение во односите со Бугарија и ставањето на Македонија на брза пруга за рамноправно членство во Европската унија како пруга она со Бугарија од 30-тина километри која чека изградба повеќе од еден век.

Едно носи војната, друго мирот

Единствено од многуте радосни вести од Будимпешта остана изненадувањето од воздржаноста на Мицкоски и Николоски што не кажаа дали се состанале и размениле мислења со својот намесник Никола Груевски. Треба да сметаме дека тоа што не е кажано не се ни сличило, што е навистина многу неблагдарно од нивна страна.

Сепак, мислам дека не си дозволиле таков срам да го отфикарат создателот во еден радосен и надежен миг на победа на демохристијанската конзервативна идеологија клучна за иднината и на Балканот, а богами и пошироко на Европа, како најопасна закана за нејзино распаѓање. Се разбира, ако таа конзервативна идеологија, типична за земјите на Источна Европа, превладее.

Со Србија и со победата на Александар Вучиќ работите стојат малку поразлично. Тука е многу интересна трансформацијата на ВМРО-ДПМНЕ од антисрпска и антијугословенска политичка партија во прилично прорадикална, отколку просрпска и проруска.

Првата изјава на претседателот Вучиќ, откако прогласи убедлива победа во првиот круг на претседателските избори, изгладеше невообичаено воздржано, кога рече: „Влијанието на украинската криза беше огромно врз изборните резултати, што Србија драматично тргна надесно. Тоа ќе го земеме предвид при формирањето на владата. Ова ви го кажувам затоа што Србија ќе треба да одлучи како ќе биде во иднина, а пред да си заминам како лидер на партијата што ја предводам, немам илузии дека ќе разговарм со сите политички фактори, бидејќи нè очекуваат тешки времиња“.

И од ова нашите радикали и самопрогласни демохристијани можат по нешто да научат. Радикалот Вучиќ како да стравува од драматичното свртување на Србија на десно и најавува тешки времиња. Секогаш се разликувале изјавите на политичките лидери пред и по изборите за истите проблеми. Обично радикализмот попушта пред новата реалност по победата, барем до првата криза. Тоа е таа прагматична политика. Разликата кај нас е што таа екстремност и постојано откривање на непријатели и предавници е во постојан раст и во време на владеење и во опозициско делување.

Затоа поздравите со радосните вести од Будимпешта на нашите демохристијани повеќе ги разбирам како дел од предизборна кампања на парламентарни избори кои е поверојатно да се случат по две години, отколку по три месеци. Дотогаш многу непредвидливи работи можат да се случат. На пример, едно носи војната, а сосема нешто друго мирот.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Колумна на Стефан Богоев: Извинете, згрешивме!?

Колумна на Стефан Богоев: Извинете, згрешивме!?

Колумна на Стефан Богоев за неделникот „Фокус“ Извинете, згрешивме!? Почитувани граѓани, драги читатели, за многумина …