Ракометарите на РК „Прилеп“ денеска го започнуваат учеството на најпрестижниот ракометен турнир во нашата држава „Струга 2020“.
Под водство на тренерите Горан Кузманоски и Адриано Котевски, во Струга отпатуваа 18 играчи на прилепскиот суперлигаш. Дел од екипата се и шестемина нови ракометари, меѓу кои и тројцата интернационалци од Грузија, кои ја засилија екипата пред почетокот на настапите во најквалитетната ракометна лига.
На последниот тренинг пред заминување за Струга, кој екипата на РК „Прилеп“ го одржа во спортската сала на СОУ „Ристе Ристески – Ричко“, присуствуваше и градоначалникот Илија Јованоски.
Градоначалникот Јованоски им посака успешен почеток на ракометната сезона и изрази надеж дека екипата на РК „Прилеп“, во која доминираат младите играчи, ќе ги оствари зацртаните цели на стручниот штаб и на раководството на клубот.
„Прилеп отсекогаш бил град на спортот, град со богата ракометна традиција. Се надевам дека оваа екипа има и сили и квалитет да се избори за место во врвот на македонскиот ракомет. Поддршката која Општина Прилеп им ја дава на прилепските ракометари и на клубот, нема да изостане ни во претстојната сезона“, потенцираше Јованоски.
Покрај екипата на РК „Прилеп“, на претстојниот ракометен турнир „Струга 2020“ кој во градот на Црн Дрим се одржува по 48 пат, учество ќе земат и екипите на „Вардар“, „Металург“, „Еурофарм Пелистер“, „Бутел“, „Охрид“, „Пролет“ и домаќинот, екипата на „Струга“.