Ројтерс: Протечен документ тврди дека Србија се согласила да ја вооружува Украина

Ројтерс: Протечен документ тврди дека Србија се согласила да ја вооружува Украина

Србија, една од ретките земји во Европа која одби да ја санкционира Русија поради нејзината инвазија врз Украина, се согласила да испорача оружје на Киев или веќе го испратила, стои во еден од доверливите документи на Пентагон, објави агенцијата Ројтерс на 12 април.

Документот во кој имала увид агенцијата Ројтерс, резиме на одговорите на европските влади на барањата на Украина за воена обука и „воена помош“ или оружје, е меѓу десетиците доверливи документи кои протекоа и беа објавени на интернет во последните неколку недели, а за кои велат дека би можеле да бидат најсериозното протекување на тајни документи на САД во последниве години.

Што стои во документот?

Насловен „Европа – одговор на тековниот руско-украински конфликт“, документот во форма на графикон ги наведува „проценетите позиции“ на 38 европски влади како одговор на барањата на Украина за воена помош.

Во графиконот е наведено дека Србија одбила да обезбеди обука за украинските сили, но ветила дека ќе испрати воена помош или веќе ја доставила. Исто така, дека Србија има политичка волја и воена способност во иднина да и обезбедува оружје на Украина.

Документот е означен како „Таен“ и НОФОРН, кој забранува дистрибуција на странски разузнавачки служби и на армијата. Датира од 2 март и има печат од канцеларијата на началникот на Здружениот Генералштаб на САД.

Ројтерс не можеше независно да ја потврди автентичноста на документот. Засега нема одговори од Пентагон, а претходно оттаму одбија да коментираат за кој било од објавените документи.

Владата, предводена од Вучиќ, се залагаше за неутралност во војната во Украина, и покрај длабоките историски, економски и културни врски на земјата со Русија.

„Ако овој документ е вистинит, тоа или ја покажува дволичноста на Вучиќ во однос на Русија или тој е под огромен притисок од Вашингтон да испорача оружје на Украина“, изјави за Ројтерс Јануш Бугајски, експерт за источна Европа во Фондацијата Џејмстаун, Институт за надворешна политика.

Министерството за правда го истражува протекувањето, додека Пентагон ја проценува штетата за националната безбедност на САД.

Ова, додава Ројтерс, ги подели одговорите на барањата за помош на Украина во четири категории: земји кои ветија дека ќе обезбедат обука и воена помош; земји кои веќе обезбедиле обука, воена помош или и двете; земји со воена способност и политичка волја „да пружат идна воена помош“.

Австрија и Малта беа единствените две земји со „не“ во сите четири категории.

Министерот за одбрана тврди дека Србија не ја вооружува Украина

Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ за агенцијата Танјуг изјави дека „Србија не продавала, ниту ќе продава оружје на украинската или руската страна, ниту на земјите што го опкружуваат тој конфликт“.

Министерството за одбрана на Србија не одговори на прашањата на Радио Слободна Европа.

„Нечија цел е очигледно да ја дестабилизира нашата земја и да ја вовлече во конфликт во кој нема да учествуваме. Ние постојано се држиме до нашата воспоставена политика“, изјави Вучевиќ за Танјуг.

Министерот истакна дека по којзнае кој пат е објавена лагата дека Србија и продава оружје на Украина.

„Ние ги негиравме тие невистини повеќе од десет пати, и еве нè, ќе го повториме тоа. Србија нема, ниту ќе продава оружје на украинската или руската страна, ниту на земјите што го опкружуваат тој конфликт“, рече Вучевиќ.

Министерот изјави и дека Србија продава оружје на трети страни, кои се далеку од конфликтот и немаат никаква врска со тоа.

„Секогаш постои можност некако магично да се најде некое оружје на територијата на конфликтот, но тоа нема апсолутно никаква врска со Србија. Тоа е прашање за оние земји кои не ги почитуваат меѓународните норми, договорните клаузули и деловните практики. Повторувам, Србија не испрати оружје во Украина и се што е објавено на таа тема се невистинити шпекулации“, рече Вучевиќ.

„Крушик“ ги негираше испораките во март

Објавувањето на табелата доаѓа нешто повеќе од еден месец откако документите објавени на проруски канал на глобалната апликација за пораки Телеграм, наводно, покажале испорака на српски ракети „Град“ од 122 мм во Киев во ноември.

Документите вклучуваа манифест за испорака и сертификат за краен корисник на украинската влада.

Дачиќ: Србија не извезува оружје во Украина

Москва во март објави дека побарала од Белград официјално објаснување за наводните испораки, пренесе државната новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на изјавата на портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Производителот на оружје Крушик од Ваљево негираше дека испратил ракети или друго оружје во Украина. Вучиќ ги нарече тие наводи „озлогласени лаги“.

„Не извезовме никакво оружје или муниција во Русија или Украина“, рече тој за време на посетата на Катар на 5 март.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

ОБСЕ: Донесувањето на изборниот закон на РС е противуставно

Воспоставувањето на паралелни структури кои ја поткопуваат севкупната безбедност и стабилност на земјата се против …