Русија го приведе американскиот новинар Еван Гершкович од „Волстрит Журнал“

ФСБ соопшти дека ги „запрела нелегалните активности“ и дека репортерот „дејствувал по американски инструкции“ и „собирал државни тајни“.

Американски новинар кој работи за угледниот весник „Волстрит Журнал“ е приведен во Русија под сомнение за шпионажа, соопшти Руската служба за безбедност ФСБ, пренесува Би-би-си.

Еван Гершкович, искусен новинар од Русија, работел во градот Екатеринбург во моментот на притворањето.

„Волстрит журнал“ соопшти дека е „длабоко загрижен“ за неговата безбедност.

ФСБ соопшти дека ги „запрела нелегалните активности“ и дека репортерот „дејствувал по американски инструкции“ и „собирал државни тајни“.

Кремљ тврди дека репортерот бил „фатен на дело“.

Последниот текст на Гершкович за „Волстрит журнал“ неделава се однесуваше на опаѓачката економија на Русија и за тоа како Кремљ мора да се справи со „големите воени трошоци“, паралелно додека се обидува да ги одржи социјалните трошоци.

ФСБ потврди во својата изјава дека новинарот имал акредитација на Министерството за надворешни работи додека работел во Екатеринбург, 1.800 километри (1.100 милји) источно од Москва.

Но, се додава дека тој бил приведен бидејќи „постапувал по инструкции на САД“ и дека „собрал информации што претставуваат државна тајна за активностите на руско одбранбено претпријатие“. Случајот за криминална шпионажа беше покренат од истражниот оддел на ФСБ, велат руските власти.

Во соопштението, редакцијата на „Волстрит журнал“ вели дека се солидаризира со новинарот и неговото семејство.

„’Волстрит журнал’ жестоко ги негира наводите од ФСБ и бара итно ослободување на нашиот доверлив и посветен известувач, Еван Гершкович“, се наведува во соопштението.

Дури и пред целосната инвазија што ја започна Русија врз Украина во февруари 2022 година, известувањето од Русија стана сè потешко.

Независните новинари беа означени како „странски агенти“, а дописничката на Би-би-си од Русија, Сара Рејнсфорд беше протерана од земјата.

Кога започна војната, Русија воведе кривично дело за известување „лажни вести“ или „дискредитација на армијата“, според кое десетици Руси се осудени за критикување на инвазијата на социјалните мрежи.

Речиси сите независни медиуми беа замолчени, затворени или блокирани, вклучително и главните медиуми, телевизиската станица „Дожд“, радиото „Ехо на Москва“ и весникот „Новаја Газета“. Многу западни медиуми избраа да ја напуштат Русија.

Рускиот политички експерт Татјана Становаја рече дека приведувањето на Гершкович било шок. Според гледиштето на ФСБ за шпионажата, „собирањето информации“ може едноставно да значи собирање коментари од експерти, рече таа, додека постапувањето според инструкциите на САД може едноставно да се однесува на неговите уредници во „Волстрит журнал“.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова изјави дека она што вработен во „Волстрит журнал“ го прави во Екатеринбург „нема никаква врска со новинарството“, а тоа не било прв пат статусот на „странски дописник“ да се користи за „прикривање активности кои не се новинарство“.

Прочитајте повеќе

Болсонаро се криел во унгарската амбасада во Бразилија откако му бил одземен пасошот

Поранешниот бразилски екстремно десничарски претседател Жаир Болсонаро минатиот месец поминал две ноќи во унгарската амбасада …