С.Македонија и Албанија ќе ги ревитализираат шумите важни за опстанокот на балканскиот рис

С.Македонија и Албанија ќе ги ревитализираат шумите важни за опстанокот на балканскиот рис

Во текот на изминатите две децении, Северна Македонија и Албанија загубиле 5,5, односно 6,5 отсто од вкупната површина на шумите, според податоците од Global Forest Watch. Трендот е алармантен особено во регионите богати со биодиверзитет, кои ги опфаќаат и живеалишта неопходни за опстанокот на критично загрозениот балкански рис

Во текот на изминатите две децении, Северна Македонија и Албанија загубиле 5,5, односно 6,5 отсто од вкупната површина на шумите, според податоците од Global Forest Watch. Трендот е алармантен особено во регионите богати со биодиверзитет, кои ги опфаќаат и живеалиштата неопходни за опстанокот на критично загрозениот балкански рис и кои претставуваат витални коридори за дивиот свет бидејќи поврзуваат различни шумски области.

Последиците од климатските промени, исто така, ја интензивираат штетата од шумските пожари низ целиот регион, што резултира со намалена разновидност на шумите и отпорност на екосистемот и што ги направи подложни на штетници и болести.

Спречување на деградацијата на шумите и загубата на биолошката разновидност и поттикнување на одржливо управување со шумите е заедничката цел на С. Македонија и Албанија, која во следните две години ќе ја реализираат преку проектот „Иницијатива за северни шуми: Ревитализација на шуми во Северна Македонија и Албанија“, кој вклучува соработка помеѓу регионалната канцеларија на Меѓународниот сојуз за заштита на природата (IUCN), Македонското еколошко друштво (МЕД) и Друштвото за заштита и зачувување на природните вредности во Албанија (ППНЕА), финансиран од Фондацијата на шведската поштенска лотарија.

Активностите беа најавени денеска во Националниот парк „Маврово“ во присуство на министерката за животна средина Каја Шукова, директорот на IUCN Борис Ерг и директорот на ЈУНП „Маврово“, Самир Ајдини.

Министерката Шукова истакна дека земјата како кандидат за влез во Европската Унија ги поддржува сите проекти со кои се олеснува имплементацијата на Зелениот договор на ЕУ и коишто целат кон исполнување на Стратегијата за биолошка разновидност и Стратегијата за шумите на ЕУ до 2030 година.

„Ревитализацијата на шуми во Северна Македонија и Албанија е важна за нашите држави, но и за исполнување на европските цели од Стратегијата за шумите на ЕУ до 2030 година, бидејќи природните екосистеми не препознаваат граници и бараат усогласено и одржливо управување. Се стремиме кон нивна заштита, но при тоа ја поддржуваме и нивната социо-економска функција заради обезбедување просперитет на руралните подрачја и поттикнување на одржлива био-економија базирана на шумите“, рече Шукова.

Главните цели на проектот вклучуваат спречување на понатамошната загуба на шуми и започнување активности за ревитализација во предели кои се важни за биолошката разновидност, а се надвор од заштитените подрачја. Со имплементирање на решенија засновани на природата ќе се изврши реставрација на шумскиот екосистем, особено во областите кои се клучни за зачувување балканскиот рис, како Буковиќ во Северна Македонија и Паштрик-Морина во Албанија.

Според Борис Ерг, Маврово има прекрасен биодиверзитет и ова е вистинско место за да започне ваква иницијатива. Регионот е најважен еко коридор на Балканот и пошироко, особено за балканскиот рис и придонесува за богатството на природата.

„Не можеме да одиме напред со развојот ако не ја заштитиме природата. За жал биодиверзитетот опаѓа, а знаеме дека е загрозен и балканскиот рис. Бидејќи природата не познава граници, докажуваме дека може да се работи и во пограничен регион и со заеднички сили да се ревитализира природата“, рече Ерг.

Реставрацијата не е само одговор на алармантното губење на шумата како екосистем, туку и стратешки чекор кон подобрување на отпорноста, врзување на јаглеродот и овозможување на регенерација на природните живеалишта. Преку проектот ќе се градат локалните, регионалните и националните капацитети за одржливо управување со шумите, што е во согласност со Бонскиот предизвик и глобалната цел до 2020 година да се обноват 150 милиони хектари деградирани и обесшумени предели, односно 350 милиони хектари до 2030 година.

Според Љубов Тимофеева, проектен координатор во IUCN, целта на проектот е да се спречи губењето на шумите, а како главни планирани активности се ревитализација на две области, Буковиќ и Паштрик-Морина.

„Во текот на проектот што ќе трае до средината на 2025 година ќе се изврши проценка и идентификување на локалитети каде што има потреба за интервенција, а на територија од 14 хектари ќе биде извршена ревитализација. Исто така, како втора активност е планирано градењето капацитети“, рече Тимофеева.

Според Робертина Брајаноска, извршна директорка на МЕД, во овој коридор идентификувани се области кои не се добра состојба и на кои им се потребни мерки за да им се подобри статусот, за што се очекува голема помош од методологијата која ќе се разработи во соработка со IUCN.

„Ќе имаме можност да испробаме повеќе решенија на терен на овој важен регион. Овде повеќе години се спроведува и програмата за заштита на балканскиот рис кој знаеме дека е присутен и во подрачјето на Јасен. Од таа причина Буковиќ е многу важен коридор за нас“, рече Брајаноска.

Таа посочи дека за проектот да ги постигне вистинските ефекти ќе треба да се соработува со повеќе институции и организации, особено со Министерството за земјоделство, Македонски шуми, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ и други.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Жешкото време носи и „жешки“ сметки за струја

Жешкото време носи и „жешки“ сметки за струја

Просечната дневна потрошувачка на електрична енергија во текот на јули се зголемила за околу 1.500 …