Самит на НАТО: Добредојде во новата реалност за Европа!

Помошта на НАТО за Украина е ограничена. Што ќе донесе оваа војна на европско тло за Европа? Северноатлантската алијанса мора да ја организира својата иднина и своите одбранбени способности, смета Бернд Ригерт.

НАТО мора да се справи со сосема нова безбедносна ситуација. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, тоа го нарекува нова реалност, нова нормалност. Обидот на Русија да ја потчини Украина го враќа светот 30 до 40 години наназад, за време на Студената војна, кога силно вооружени воени блокови стоеја еден наспроти друг во средината на Европа. Кога еден ден ќе заврши агресивната војна на рускиот владетел, НАТО ќе мора да ги стави Русија и нејзините сојузници, како Белорусија, зад Железната завеса. Ограничувањето, изолацијата на жариштето на опасноста тогаш ќе го карактеризира новиот светски поредок, кој на Западот му го наметнува Владимир Путин.

Големото прашање за НАТО и за глобалниот Запад тогаш ќе биде: како да се пристапи кон Кина? Се чини дека таа комунистичка диктатура оди по сличен пат како и Русија на Путин. Затоа, оваа држава, која наскоро би можела да стане економски најмоќната сила во светот, исто така ќе мора да биде ограничена и изолирана. САД и Европа мора повторно да станат независни од Кина, која со децении произведува евтино, продава свои производи и од која се увезуваат егзистенцијални суровини. По ова ќе следи деглобализација или пресврт на меѓународното вмрежување, кое се бара и се поттикнува во последните 40 години.

Потребна е нова стратегија 

Сето ова НАТО мора да го земе предвид во својата нова стратегија, која треба да биде развиена до следниот самит во Мадрид во јуни. И сето ова ќе функционира само ако во Белата куќа има претседател кој и по 2025 година ќе биде свртен кон Европа и трансатлантскиот сојуз како Џо Бајден. Не може ни да се замисли што би се случувало доколку во САД одлуките ги носи Доналд Трамп. Руската агресија и покажува на Европа дека не може без САД.

Санкциите против Русија и Белорусија ќе останат во сила и по завршувањето на војната, што се надеваме дека ќе дојде наскоро. Целта мора да биде да се оневозможи руската економија и општество, барем додека постои системот на Путин. Затоа НАТО сега се соочува со огромни задачи. Не е доволно да се префрлат неколку илјади војници и четири нови борбени баталјони во четири држави на источниот раб на територијата на Алијансата.

НАТО денес не би можел брзо да одбие силен руски напад на копно или на море. Исто така, се појавуваат сомнежи дали нуклеарното заплашување, клучен елемент во рамнотежата на силите за време на Студената војна, сè уште функционира и денес. Ако со Кремљ управува некој на кој можеби не му е грижа дали првиот што ќе употреби атомско оружје ќе умре како вториот, тогаш нуклеарното заплашување не функционира.

Фати се за оружје 

НАТО, ЕУ и Западот се соочени со задача енормно да ги вооружуваат и зајакнуваат армиите. Првите земји, како Германија, го препознаа тоа и најавија зголемување на буџетите за одбрана. Сега треба да се биде искрен и да се каже дека парите треба да одат за обнова на територијалната армија, со пешадија, тенкови, артилерија и силна авијација. Тоа ќе биде огромна финансиска и социјална задача, која ќе се одрази во секојдневниот живот на луѓето.

Со професионална армија, умерено мотивирана, како што е денес, тоа ќе биде тешко остварливо. Германија и другите држави би можеле да бидат принудени повторно да воведат регрутација за да се создаде потребната армија и резерва за ефективно застрашување. Тоа звучи како повик од мрачно минато за кое се мислеше дека е надминато.

За жал, ова е нова реалност. На НАТО му е јасно кој е виновен: тоа е војната на Путин. Заклучокот, според тоа, може да биде само: Путин мора да биде отстранет.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

доналд трамп

Вашингтон Пост: Агентите на ФБИ барале документи за нуклеарно оружје при претресот кај Трамп

ФБИ се обиде да пронајде доверливи документи поврзани со нуклеарно оружје, меѓу другите предмети, кога …