Само двајца од градоначалниците и 17 отсто од општинските советници се млади

Само двајца од градоначалниците и 17 отсто од општинските советници се млади

Покрај жените и лицата со попречености, младите се уште една група која од аспект на политичкото учество е една од најмаргинализираните во земјава.

Иако четвртина од популацијата се млади лица на возраст до 29 години, само 3 отсто од кандидатите за градоначалници на локалните избори што се оддржаа во октомври годинава биле млади. Од нив, за први луѓе на општините се избрани само двајца. Ова го покажало истражувањето спроведено за време на локалните избори во земјава од страна на Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД).

Авторите на истражувањето – Јована Ѓорѓиовска и Блажен Малески, при презентацијата под наслов „Одложено младинско учество – Локални избори 2021“ истакнаа дека на младите им треба подолго време за да одлучат да се вклучат во политичкиот живот. Најголемиот дел од луѓето, во локалната политика како градоначалници или советници влегуваат пет до десет години откако ќе престанат да припаѓаат во категоријата млади, согласно Законот за младинско учество и младински политики.

Младите во земјава имаат поголеми шанси да бидат избрани за општински советници, отколку за градоначалници или пратеници.

Само 2,5 отсто од градоначалниците се млади

Само три отсто од кандидатите за градоначалници биле млади. Анализирани биле поднесените кандидатури од страна на партиите, коалициите и независните групи во 79 општини, исклучувајќи ги општините Центар Жупа и Маврово и Ростуше, каде процесите за избор на градоначалник сè уште не се завршени.

Од анализираните 299 кандидати за градоначалници, 8,3 отсто биле од женскиот пол, а само 3 проценти биле млади жени. Младите воопшто, пак, како кандидати биле предложени во само 11 отсто од општините.

Интересен е и податокот дека две третини од младите кандидати биле предложени во рурални општини.

„Тоа значи дека младите имаат многу повеќе пристап до политичкиот живот во руралните општини, што за нас беше интересно затоа што голем дел од младите често студираат во други поголеми општини или во градот Скопје“, истакнаа авторите на студијата.

Вкупно 43 политички субјекти воопшто не предложиле млади кандидати за градоначалници, вклучувајќи ги и кандидатурите поддржани од независните групи граѓани.

Најмногу млади кандидати биле предложени од страна на СДСМ и  коалицијата, вкупно тројца. Двајца биле предложени од БЕСА и по еден од ТМОРО, Македонската трета ера, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и коалицијата на ЛДП и ДОМ.

Просечната возраст на избраните градоначалници, пак, изнесува 42,67 години. Притоа, најниска просечна возраст од 38 години имаат градоначалниците во југоисточниот регион.

Младите кандидати најчесто се наоѓаат подолу на советничките листи

Присуството на младите е повеќе забележително на советничките листи, па така 26,4 отсто од кандидатите за советници на локалните избори биле млади. Оваа бројка е повеќе од доволна, велат авторите на студијата, но сепак, од избраните советници само 17,4 отсто биле млади лица до 29 години. Причината за ова е што поголемиот дел од предложените млади кандидати се наоѓале подолу на кандидатските листи, при што нивните шанси за избор биле намалени.

Од вкупно 10.532 кандидати за советници во 81 општина, 45 отсто биле жени. Просечната возраст на кандидат(к)ите за советници изнесувала 39,91 година.

Кога станува збор за носителите на советничките листи, само седум политички партии и коалиции, како и шест независни групи избирачи предложиле млади носители. Дури 70 отсто од сите политички субјекти кои учествувале на локалните избори не предложиле ниту еден млад носител на кандидатските листи.

Над 55 отсто од младите носители на листи биле предложени во руралите општини, а 32 отсто во урбаните општини. Речиси 12 отсто од младите носители биле предложени во општините во рамки на Скопје, додека на кандидатските листи за советници на Град Скопје немало ниту еден млад носител.

Просечната возраст на избраните 1.347 советници изнесува 39,6 години. Од нив, 36,2 отсто се жени.

Од сите млади кандидати за советници, само 8,5 отсто биле избрани за советници. И овојпат избраните советници во руралните општини се во просек за 2 до 3 години помлади од своите колеги во урбаните општини и оние во рамки на градот Скопје.

Потребна е поголема поддршка за младите кандидати

Ѓорѓиовска и Малески истакнаа дека во иднина е потребно подобро запознавање со кандидатите за градоначалници и советници кои треба да ги претставуваат граѓаните, а меѓу нив и младите лица. Порачаа и дека поддршката што младите кандидати ја добиваат од партиите не е доволна.

„На младите кандидати често им недостасува поддршка и онаа поддршка што ја имаат не е доволна за тие да можат максимално да го искористат својот потенцијал и тука може да влезе сè, од директна финансиска поддршка за спроведување на кампањи, до директни искуства за тоа како се водат политики процеси, како се гради една програма за избори, како се води локална самоуправа и што тоа значи за еден млад кандидат кој треба да стане градоначалник“, истакнаа Ѓорѓиовска и Малески.

Тие препорачаа и воведување на младински квоти за кандидатските листи за советнички позиции, по примерот на утврдените квоти според пол. Но, за ова, велат авторите, неопходно ќе биде да се почекаат податоците од спроведениот попис.

За користењето на фингерпринт технологијата на изборите, пак, велат дека во иднина истата треба да овозможи и демографска анализа за излезноста на изборите, за да се има увид во тоа колку и како гласаат младите.

„Кога веќе ја користиме фингерпринт методологијата за водење евиденција за тоа кој гласа, многу е важно потоа да можеме да ги употребиме овие податоци и да знаеме каде, како и кои млади гласаат и што тоа значи за политиките кои ќе ги претставуваат младите на локално ниво“, истакнаа авторите на студијата.

При спроведувањето на истражувањето, авторите ги користеле официјалните податоци објавени на веб-страницата на Државната изборна комисија, при што таргетот биле младите кандидати на возраст од 18 до 29 години. Анализирани биле кандидатите и кандидатските листи, како и избраните градоначалници и советници.

По презентацијата на истражувањето беше отворена дискусија помеѓу присутните гости, меѓу кои се обратија градоначалникот на Росоман, Стојан Николов, младите советнички во советите на општините Куманово, Невена Величковска, и Шуто Оризари, Фатима Османовска, како и кандидатот за градоначалник на Општина Чашка, Суад Шаќиров.

На дискусијата беше истакнато дека младите се апатични и немаат волја, ниту интерес да се вклучат во општествените прашања. Не е најважно тие како категорија да бидат само присутни на кандидатските листи, туку тоа треба да води и до нивно активно учество во политиката и општеството.

Дел од присутните истакнаа дека е неопходно поотворено да се разговара за разочарувачките резултати од истражувањето и да се навлезе подлабоко во овој проблем. Најголем дел од прашањата кои директно влијаат на квалитетот на живот на младите луѓе се прашања од надлежност на локалната самоправа, па затоа е исклучително важно во органите на локалната самоуправа да бидат вклучени и млади кои ќе ги артикулираат потребите на оваа група на граѓани.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Георгиев бил фатен на дело со мито, Иџет Мемети е второосомничен

Обвинителство: Врховниот судија Георгиев бил фатен на дело со мито, Иџет Мемети е второосомничен

Јавен обвинител предложи притвор само за првоосомничениот кој е затекнат при извршување на кривичното дело, …